Денес ќе започне меѓународната манифестација „Анте Поповски – Антево перо“


Со беседа за великанот Анте Поповски, отворање на изложба, промоција на книга, врачување награди и поетско читање, денес (24 септември – петок), во 19,30 часот, во Музејот на македонската борба за самостојност ќе започне четвртото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.

Беседата на свеченото отворање ќе ја одржи проф. д-р Кристина Николовска, а со обраќање на директорката на Музејот, Даниела Николова ќе биде отворена изложбата на предмети, документи и фотографии на академик Анте Поповски, коишто претставуваат музејски фонд и сега, по повод 90-годишнината од неговото раѓање, за првпат ќе бидат презентирани пред јавноста.


Во Музејот ќе се одржи и централната свеченост на манифестацијата, на којашто ќе бидат врачени почесното признание „Антева златна книга“ и наградите од конкурсот за поетски ракопис „Антево перо“ за 2021 година. Годинешен добитник на почесното признание „Антева златна книга“ е академик Влада Урошевиќ, а на наградата „Антево перо“ е поетот Братислав Ташковски. Книгата „Небесни разговори“, за којашто ја доби наградата, за првпат ќе биде промовирана во рамките на свеченоста. Ќе бидат врачени и наградите „Антев златник“ – на Елизабета Баковска и Димитар Аранаудов и „Антев часовник“, награда за млад автор – на Марија Филипова. За остварувањата на добитниците на наградите ќе говори проф. д-р Венко Андоновски, којшто годинава беше и претседател на жирито на конкурсот „Антево перо“. Во завршницата на првиот ден од манифестацијата ќе се одржи и поетско читање.

Во сабота, манифестацијата ќе продолжи во Лазарополе, /родното место на Анте Поповски, каде што ќе се одржи и научниот симпозиум „Антево дело“, којшто од годинава има меѓународен карактер и од којшто ќе произлезе и зборник на научни трудови. Со програмата, предвидена е и вечер со творештвото на академик Анте Поповски, именувана според неговата прва книга – „Одблесоци“. Во текот на третиот ден од манифестацијата, учесниците ќе ја посетат и родната куќа на Анте Попоски, по што во Паркот на книжевноста ќе се одржи поетското читање „Провиденија“.


Годинава, манифестацијата „Анте Поповски – Антево дело“ има најбогата програма досега, при што се настојува преку неа да се оствари влог во трајните вредности на македонската култура, да се промовира македонската книжевна продукција и да се поттикнува македонската книжевна наука.

Сите програмски активности на манифестацијата ќе се остварат со придржување до здравствените протоколи за заштита од ковид-19.


Видете следно

Одбележан Европскиот ден за борба против трговија со луѓе и јубилејот 20 години од основањето на Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција

Националната координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција и државна секретарка на …