Денови на ЦЕРН во Република Северна Македонија


Во Академијата за науки и уметности на РСМ, МАНУ од денес се отворени „Денови на ЦЕРН во Република Северна Македонија“. Настанот кој е во организација на Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР) во соработка со Природноматематички факултет од Скопје и МАНУ опфаќа изложба, предавања како и серија интерактивни работилници наменети за ученици од основните училишта и ќе трае од денес 13.05.2019 до 17.05.2019г.

МАНУ со задоволство се вклучи во организацијата на овој исклучителен настан за нашата земја рече Таки Фити, претседател на МАНУ на оворањето.

„Ова е исклучителна и ретка можност младите во Република Северна Македонија, научните работници, но и пошироката македонска јавност поблиску да се запознаат со благородната мисија на оваа проминентна меѓународна институција со нејзините основни цели и задачи и со нејзиниот неспорен придонес за фундаменталните истражувања во областа на физиката, со нејзините технолошки иновации и со нивната практична примена од што произлегуваат бројни благодети за човештвото во целина,“ истакна Академик Фити.

Целта на ваквите ицијативи и активности е да се поттикне критичкото и креативното размислување особено кај младите во земјава, што е и една од мисиите на кои работи ФИТР, истакна директорот Јован Деспотовски.

„Со ова отвораме ново поглавје по кое ќе следат активности за поттикнување и развој на истражувачката дејност во земјава кои ќе водат кон креирање на национална програма за развој и поддршка на критичкото и креативното размислување и таленти, која пред се ќе биде наменета за најмладите и која треба да понуди системска помош,“ нагласи Деспотовски.

Тој исто така најави и дека научниците од ЦЕРН ќе имаат средби со претствници на Владата на РСМ со цел Македонија ќе стане дел од водечката светска организација за атомски и нуклеарни истражувања.

“Овие “отворени денови” се првиот чекор кон остварување на нашата желба и амбиција да станеме дел од ова семејство во кое членуваат 23 технолошки напредни европски земји, а дел од него се над 600 факултети и институти, околу 17.000 истражувачи од над 110 националности кои работат заедно да ги урнат границите на знаењето, “ рече Деспотовски.

Во рамките на “Денови на ЦЕРН во РСМ“ е отворена и изложба на професорите Даниел Денегри, директор за истражувања во ЦЕРН и Лудвик Добжински чија цел презентација на дел од научните истражувања на оваа организација. Таа ќе биде отворена секој работен ден од 13.05.2019 до 17.05.2019.

Во следните денови се предвидени и серија настани, како што се стручните предавања од страна на авторите на изложбата, Лудвик Добжински и Даниел Денегри, Критоф Шефер, како виш соработник во ЦЕРН, Сања Дамјановиќ како раководител на „Меѓународниот институт за одржливи технологии на Југоисточна Европа“ (SEEIST) под капата на ЦЕРН, Ангела Глигорова која го подготвува својот докторат таму и проф. д-р Мимоза Ристова, редовен професор на Природноматематички факултет во Скопје и член на СЕЕИСТ.

Понатаму, секој ден,  ќе се одржуваат и т.н. „Атомски игри“ наменети за ученици од основните училишта, кои на забавен и интерактивен начин ќе научат повеќе за природата на елементарните честички. Во рамките на иницијативата „Петок за млади @ФИТР во изложбениот салон на МАНУ на 17.05.2019 година ќе се претстават и училишни проекти кои веќе се поддржани од Фондот во рамки на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“.


Видете следно

Градот Скопје денеска го затвора јавниот повик за субвенционирање на купувањето велосипеди за 2019 година

Градот Скопје ги информира граѓаните дека денеска го затвора јавниот повик за субвенционирање на купувањето …