Димитриевски: За две години Бислимска клисура ќе стане државна туристичка атракција


Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски денеска на заедничка прес конференција го промовираа започнувањето на реализација на активностите на проектот ,,Светлина од Минатото,, (Light from the past CB006.2.21.072) со кој е предвидена и реконструкција и опремување на Задружен Дом во село Пчиња со што тој ќе прерасне во туристичко-промотивен центар на Бислимската Клисура како главна активност од овој проект.

Градоначалникот Димитриевски во своето обраќање информираше дека реализацијата на овој проект е доказ за вложениот труд и посветеност во изминатите две години, потенцирајќи дека во следниот период од две години општина Куманово, но и регионот ќе добијат збогатување на содржините на локалитетот Бислимска клисура, кој ќе прерасне во туристичка атракција за сите.


“Согласно проектот издвоени се 131.000 евра за да од оваа локација со дополнителни средства направиме уште поатрактивно место за туристите и посетителите. Бислимската клисура има своја автентичност, автентична содржина и секако дека може во иднина да се трансформира во една сериозна регионална, но и државна туристичка атракција. Секојдневно работиме на интензитетот. Ова е само еден пример од многуте проекти коишто во минатото ги реализиравме врз база на партнерска работа со прекугранична соработка со Република Бугарија, но и со Република Србија и верувам дека овој позитивен тренд ќе продолжи и понатаму”, изјави градоначалникот Димитриевски.

Заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски истакна дека досега успешно се реализирани сите проекти преку ИПАРД програмата, а имплементацијата на овој прекуграничен проект со Република Бугарија е од витално значење зближување луѓето, културите и заеднички придонес во развојот на двете земји.

“Бислимската клисура за многу граѓани од нашата држава не е многу позната, но е вистински неоткриен бисер којшто може да претставува навистина туристичка атракција и да привлекува многу посетители во регионот, како од нашата држава така и од соседството”, истакна заменик министерот Димитровски.

Проектот ,,Светлина од Минатото,, е со вкупна вредност од 458 365 ЕУР и истиот ќе биде реализиран од страна на Центарот за равој на Североисточен плански регион во партнерство со Историски Музеј од Дупница, Р. Бугарија, со период на имплеметација од 24 месеци.


Видете следно

Граѓаните во Скопје спасија над 111 милиони денари од уништување

Кога сте добро организирани, 24 часа е доволно време да патувате на другата страна на …