Димковски: Заеднички ќе се работи на зголемување на трговската размена со Русија


Вчера во Москва, Русија, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски имаше работна средба со заменик-министерот за земјоделство на руската Федерација Левин.

На средбата рускиот заменик-министер Сергеј Левин, истакна дека македонските производи се многу ценети на рускиот пазар и за нив постои голем интерес, истовремено посочи дека очекува во следниот период извозот на руски производи во Република Северна Македонија да се зголеми, којшто во моментов изнесува околу 1 милион долари годишно.

Министерот Димковски, посочи дека МЗШВ ќе ја продолжи поддршката на саемите „Продекспо“ и „Мир Питание“, како и на Македонскиот дом во Москва. На состанокот Димковски и Левин се согласија за продолжување на соработката помеѓу македонската Агенција за храна и ветеринарство  и Фитсанитарните служби со Руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор – Росселхознадзор, што е важно за непречена трговска размена помеѓу двете земји.

Димковски го информираше заменик-министерот Левин  дека на почетокот на месецов, од страна на македонската Агенција за храна и ветеринарство до руската Росселхознадзор, е упатено барање за отпочнување постапка за одобрување и ставање на листата на објекти и оператори за извоз на млечни производи во Руската Федерација и посочи дека е потребно да се забрза процедурата затоа што постои интерес од бизнисмените  од двете држави. Димковски изрази благодарност за веќе одобрените извозни дозволи за три фирми кои произведуваат млеко и млечни производи и за една компанија од месната индустрија,коишто започнаа со извоз на рускиот пазар.

Заменик-министерот Левин, ја потенцираше важноста за почитување на фитосанитарните и ветеринарните стандарди при извоз на рускиот пазар и усогласување на потребната документација со повисок степен на заштита на сертификатите за извоз.

Димковски го информираше Левин, дека од македонската страна се започнати подготвителните активности со сите вклучени институции во државата, за одржување на 9 – та седница на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно – техничка соработка, која што ќе се одржи следниот месец во  Охрид.  На состанокот од руска страна присуствуваше и Ина Жарова, претседател на Фондот Македонско – Руско пријателство и директор на Македонскиот дом во Москва, кој е финансиски поддржан од МЗШВ. Жарова истакна дека досегашното искуство е многу позитивно и претстои голема работа за унапредување на промоцијата и маркетингот на македонските земјоделски производи во Русија.

Инаку, вчера во рамки на посетата на Москва, Димковски во организација на Македонско-руската стопанска комора, ја посети Трговско индустриската комора на Руската Федерација во Москва и имаше работен состанок со заменик-претседателот на комората, Владимир Падалко,со којшто се согласија дека е потребен поголем ангажман од двете страни за зголемување на трговската размена во земјоделството што и сега доминира во македонскиот извоз во Русија.

Дури 60 отсто од вкупниот извоз од Република Северна Македонија во Руската Федерација отпаѓа на земјоделско-прехранбените производи. Вкупната трговска размена со Русија во периодот јануари – јули 2019 година изнесува 106 милиони долари, што е раст од 19,29 отсто во однос на истиот период лани. Притоа е остварен извоз од 26,4 милиони долари, или 21,72 отсто повеќе, додека увозното салдо е 79,6 милиони, што е зголемување за 18,5 %. Во вкупната трговска размена, Русија е 22-ри партнер на земјава. На рускиот пазар македонските компании најмногу извезуваат свежи јаболка, кајсии, цреши, вишни, праски и сливи, лекови, домати и тутун, додека увезуваме природен гас, полупроизводи од железо, нафтени масла, бакарни жици.



Видете следно

Одржана 35-тата седница на Советот на Општина Центар

Советот на Општина Центар, вчера ја одржа редовната 35-та седница. Од 23-те точки на Дневниот …