Димова: Европската младинска картичка е бесплатна, а може да ја добие секој млад човек во државата


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, учествуваше на промоцијата на „Европската младинска картичка“.

На промоцијата, на којашто присуствуваа студенти, средношколци и претставници на младински организации и на компании, премиерот Заев изрази огромно задоволство што Европската младинска картичка станува нова реалност за младите во Република Северна Македонија, кои како што рече премиерот, се врвен приоритет во владината агенда.

„Денеска можеме слободно да кажеме дека нашите млади луѓе од Северна Македонија ги доближуваме чекор поблиску до европскиот начин и стандард на живот на младите луѓе од Европа. Преку оваа картичка младите ќе можат да ползуваат многу бенефиции што таа ги овозможува. Ветивме дека Европа ќе ја донесеме дома кај нас. Токму младите луѓе кои се врвен приоритет на таа наша агенда ќе почувствуваат директни придобивки од процесот на европеизација на нашата земја кој што е во тек и се случува“, истакна премиерот Заев.

За одличната можност со една единствена картичка младите да можат да користат повеќе бенефиции, како и за начинот на кој функционира, говореше директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

„Агенцијата за млади и спорт се залага за подобар живот за младите, а оваа картичка несомнено го олеснува секојдневието на секој млад човек, најпрвин финансиски, но покрај тоа нуди и многу отворени можности за младите, за нивна поврзаност, информираност и мобилност“, истакна директорот на АМС, Каевски.

Тој изрази огромна благодарност до сите компании, кои преку оваа картичка даваат одреден процент на попуст за младите во државата и Европа, коишто се успешни компании во својата дејност и општествено одговорни компании, за што очекува дека оваа пракса ќе продолжи да се применува и во иднина и дека бројката на компании ќе расте.

Директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова рече дека „Европската младинска картичка“ е резултат на заедничките заложби на двете различни владини институции за да обезбедат дополнителни придобивки за младите.

„Анализата ни покажа дека ако сакаме да ги споиме овие две работи – забавното и корисното – влогот мора да биде заеднички и институционален. Оттука, Агенцијата за млади и спорт ќе се грижи за обезбедување на што е можно поширок спектар на услуги со привилегирани цени за младите, додека Националната агенција за европски образовни програми и мобилност ќе ги искористи своите ресурси од програмата Еразмус+ за да отвори нови перспективи за младите од областа на неформалното и информалното образование, како и во делот на поттикнување на зголемена мобилност на младите. На овој начин, успеваме да отвориме нови можности за младите, при тоа водејќи сметка за исклучително строгите одредби на новата регулатива за заштита на личните податоци на ЕУ“, рече директорката Димова.

Европската младинска картичка е бесплатна, а може да ја добие секој млад човек во државата, на возраст од 15 до 29 години. Аплицирањето за картичката е онлајн, преку апликација во која корисникот ги внесува личните податоци. Со користење на картичката младите имаат поволности и попусти во разни сектори, и тоа: угостителски објекти, малопродажба, во култура, спорт, едукативни центри, за обуки за стручни вештини итн. Повикот за аплицирање за картичката е отворен на веб страницата www.mladinskakarticka.mk, а издавањето на картичките ќе започне од први јули 2019 година.


Видете следно

Пендаровски: Штом ќе доживее четириесет години, за еден фестивал не велиме дека е стар, туку дека пронашол трајно своето место во културата

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски се обрати на отворањето на 40. издание на …