Дипломатијата треба да биде ориентирана кон бизнисот и да развива нови димензии – заклучоци од панел дискусијата организирана од Меѓународниот Балкански Универзитет


Нашата дипломатија пред сè треба да биде ориентирана кон бизнисот. Ќе ги разгледаме сите аспекти во тој дел бидејќи нашата економија мора да биде отворена, како што е и случај со секоја мала земја. Ако зборуваме пред сè за индустрија, таа мора да биде извозно ориентирана и тука мислам дека бизнис дипломатијата треба да си го заземе своето место иако има сериозен простор за напредок и за подобрување во овој сегмент“, ова го истакна Кочо Анѓушев, Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања на панел дискусијата на тема „Бизнис и дипломатија“ што ја организираше Меѓународниот Балкански Универзитет (МБУ).

На настанот, на кој модератор беше Снежана Билиќ, декан на Факултетот за економија на МБУ, панелисти беа и Штефан Петер, претседател на УО на ЕВН Македонија и претседател на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на РСМ и Исмаил Аљили, советник за надворешна политика на претседателот на Северна Македонија.

„Самата тема е актуелна и задоволство е да се продискутира на овие теми со млади луѓе бидејќи покрај тоа што јас имам да им пренесам нешто од моето искуство, секогаш е многу интересно да се слушне како и тие размислуваат и мислам дека и од нив има што да се научи“, додаде Анѓушев.

Претседателот на УО на ЕВН, Штефан Петер, нагласи дека политиката и бизнисот секогаш одат заедно, дека едното не може без другото, а има и многу добри примери за тоа како бизнисот и политиката можат да се комбинираат. „Главни причини поради кои странските компании се заинтересирани за инвестирање во земјите како Северна Македонија се искористување на природните ресурси, човечките ресурси, нивниот квалитет за поприфатлива цена на човечкиот капитал и потрошувачите. Владата и компаниите имаат заедничка цел, тоа е опслужување на потрошувачите и подобрување на квалитетот на нивниот живот. Да не заборавиме дека во крајна линија, секоја компанија која доаѓа да инвестира во некоја странска држава има една цел, а тоа е профитот. Мора секогаш да се задржи балансот меѓу придобивките за Владата и компанијата.

За Аљили темата е многу актуелна и е важна за нашата држава затоа што досега имавме големи напори и успеси во традиционалната дипломатија, но потребно е прилагодување. „Мораме да имаме нови димензии на дипломатијата, таа повеќе да биде како економската, културната дипломатија. Иако досега имавме сериозни обиди, мислам дека е време да се фокусираме на soft power после сериозни прашања што ги решивме со голем успех“, рече Аљили.

Меѓународниот Балкански Универзитет којшто според Шангајската листа е најдобар во државата во областа на наставата и учењето, поседува двојна акредитација, од Македонија и од Турција, со комбинација на напредни програми и методи за студирање во мултинационална средина. На МБУ во моментов студираат повеќе од 2000 студенти од Македонија, Турција, Црна Гора, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија. Универзитетскиот кампус располага со седум факултети, вклучително 18 програми за додипломски студии и 10 програми за постдипломски студии во различни области, како што се инженерство, архитектура, економија, административни науки, ликовна уметност, образовни науки, комуникација, хуманистички науки и општествени науки. Во процес на акредитација е и новоформираниот Факултет за медицински науки, кој ќе отвори нови можности за младите во државата да се професионализираат во висококвалитетни образовни услови и во оваа многу значајна област. На ниво на универзитетот воспоставени се релации кои нудат многу можности за студентите, пред се преку програмите за размена како Еразмус+ и Мевлана, како и договори за билатерална соработка со истакнати европски универзитети.

 


Видете следно

Јовица Ивановски со стихозбирката „Човек“ добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2019 година

„Јовица Ивановски со стихозбирката „Човек” е добитникот на годинашната награда „Браќа Миладиновци”, која ја доделува …