Директорот на Царинската управа одржа средба – отворен ден со учесниците во царинската постапка


Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски на 10.10.2018 година во Царинска управа на Република Македонија одржа средба – отворен ден со учесниците во царинската постапка (увозници, извозници, застапници, шпедитери, производители и транспортери).

На средбата, на која присуствуваа голем број на претставници на економски оператори, се обрати директорот на Царинската управа, кој во своето обраќање ги истакна постигнатите резултати во изминатата година и ги запозна присутните со новините во царинското работење кои ќе почнат да се применуваат од јануари 2019 година, како што се новиот електронски систем за обработка на царински и акцизни документи, Овластениот економски оператор и новите царински прописи.

Притоа, директорот ја истакна важноста на ваквите настани и посочи дека соработката со деловната заедница е клучен фактор за градење на доверба, промовирање на доброто владеење и забрзувањето и поедноставувањето на царинските постапки. За време на средбата, присутните претставници на економските оператори имаа можност да ги истакнат предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење, а дадоа и предлози како заедно најповолно да се создаде конкурентен економски амбиент.

Средби од ваков вид ќе продолжат да се одржуваат во иднина и Царинската управа ќе остане посветена на својот пат за подобрување на деловното опкружување и создавање еднакви можности за економски раст и развој на сите учесници во економските процеси.


Видете следно

Овчеполската житница станува извор на зелена енергија (видео)

Дел од некогашната овчеполска житница веројатно догодина ова време ќе стане извор на таканаречена „зелена …