Дневен преглед на состојбата со Ковид-19 во светот


Скопје, 16 август 2020 (МИА) – Според последните податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 21.701.338 лица. Од нив починале 770.535, а оздравеле 14.408.292 луѓе.

-Во Грција веќе петти ден регистрирани се над 200 нови случаи Ковид-19, односно 217 во изминатите 24 часа, а починаа две лица. Од почетокот на епидемијата заразени се 7.075 лица, а починаа вкупно 228.

-Министерството за здравство на Кипар соопшти седум нови случаи на Ковид-19 од 2.475 направени тестови, со што бројот на заболени се зголеми на 1.339 лица.

– Бројот на потврдени случаи во Унгарија се зголеми за 39 – на 4.916 во изминатите 24 часа. Уште едно лице почина од Ковид-19, а вкупно 608 лица починале од почетокот на пандемијата. Во моментов, активни се 685 случаи на инфекција, а 62 се хоспитализирани од кои шест се на респиратори.

– Во последните 24 часа, во Хрватска се регистрирани 151 нови случаи на инфекција со вирусот, а едно лице почина. Бројот на заразени лица е 1.185. Од нив, 126 пациенти се наоѓаат во болница, а 11 се на респиратор.Вкупно 6.571 случаи на коронавирус се потврдени во Хрватска досега, а 166 лица починале.

– Бројот на случаи на инфекција кои локално се пренесуваат во Кина, е на најниско месечно ниво откако се објавени податоците за западниот регион Синџијанг. Во последните 24 часа во Кина има четири локално пренесени случаи и сите се од тој регион. Нема нови случаи во Шенжен или Гуангжу. Потврдени се вкупно деветнаесет случаи во Кина, вклучително и увезени случаи – луѓе кои се позитивни за вирусот, но пристигнале од странство. Еден ден претходно, регистрирани беа 22 позитивни случаи на ковид-19. Во Кина, од почетокот на пандемијата што избувна во декември минатата година, вкупно се заразени речиси 85.000 луѓе.

– Во Индија, во последните 24 часа се пријавени 944 смртни случаи поврзани со коронавирусот. Индија, каде што има речиси 50.000 починати луѓе од вирусот, е на четвртото место по бројот на жртви од Ковид-19, по САД, Бразил и Мексико. Во последните 24 часа, пријавени се 63.490 нови случаи (вкупно скоро 2,6 милиони луѓе). Во текот на август, забележан е голем скок на смртни случаи, при што повеќе од една четвртина од вкупниот број жртви починаа во последните две недели. Во меѓувреме, стапката на оздравени надминува 70 проценти.

– Јапонија има повеќе од 1.000 нови случаи на коронавирус веќе трет ден, а денеска се регистрирани 1.238 заразени лица. Во главниот град Токио се регистрирани 385 случаи на Ковид-19. Уште три лица починаа од вирусот. Јапонија досега има 55.426 потврдени случаи на коронавирус и 1.111 смртни случаи.

-Бројката на жртви на епидемијата на Ковид-19 во Косово се искачи на 401, откако во минатите 24 часа се регистрирани нови 11 починати. Во текот на вчерашниот ден се забележани и нови 142 заразени лица, со што вкупната бројка на евидентирани носители на новиот коронавирус од почетокот на епидемијата достигна до 11.416. Во истиот период се регистрирани и рекордни 230 излекувани од Ковид-19, со што бројот на лица кои ја пребродиле болеста достигна до 7.191. Тоа придонесе и за да се намали бројот на активни случаи – од 3.924, колку што изнесуваше вчера, на 3.824. Во лабораторијата за нуклеарна микробилогија при Институтот за јавно здравство на Косово вчера се извршени 440, а од почетокот на епидемијата 43.984 тестирања.


Видете следно

Канабисот „поддржан” од Претставничкиот дом во САД, се чека Сенатот

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвои закон со кој првпат се дозволува употреба на канабисот. …