Доброволниот трет пензиски фонд носи предности и за вработените и за компаниите


Вработените може да бидат наградени преку уплата во доброволниот, трет пензиски фонд, а истото носи поволности и за компаниите. Оваа и другите предности и за вработените и за компаниите од уплата во третиот, доброволен пензиски фонд, беа презентирани на денешната работилница „Како до посреќни вработени во ИКТ компаниите“, организирана од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) во соработка со КБ Прво пензиско друштво АД Скопје .

Поволностите од уплати во третиот пензиски фонд како и бенефициите и за вработените и за компаниите, произлегуваат од законска регулатива. 

„Третиот, доброволен пензиски фонд според структура и начинот на функционирање нуди навистина многу поволности, а граѓаните сè уште не се доволно запознаени. Сепак, искуството со оние компании кои веќе го практикуваат овој начин на стимулирање на вработените покажа големо задоволство кај двете страни. Врз принципот на доброволно штедење, без обврзувачки компоненти, со голема флексибилност во уплатата и елементи што се како дополнителен стимул, доброволниот пензиски фонд станува се побаран и префериран начин за вработените и за компаниите“, изјави, Весна Стојановска, Генерален директор на КБ Прво пензиско друштво.

КБ Прв отворен доброволен пензиски фонд – Скопје постои 10 години , нето средствата со кои располага според последната евиденција на МАПАС – Агенцијата за супервизија на капиталното финансирано пензиско осигурување на  31.07.2019  изнесува 889.281, 96 илјади денари, брои 14.386 членови, а додека седумгодишниот (30.06.2012 – 30.06.2019) номинален принос на доброволниот фонд изнесува 5,93%, а додека реалниот 5,03 %.  

„Овој производ ги поседува сите карактеристики компатибилни на начинот на функционирање на компаниите но и на граѓаните како индивидуи. Секое правно лице, може да го искористи овој начин на стимулирање или наградување на вработените. Така се создава и зацврстува взаемна доверба којашто на крајот ќе вроди со реални придобивки за двете страни. Кога компанијата ќе покаже дека долгорочно се грижи за своите вработени, инвестира во нивната иднина, тогаш ќе ги добие најсреќните и најлојални вработени, а притоа, компанијата не е никако условена или оданочена. Врз основа на сето ова, доброволниот, трет пензиски столб станува многу подостапен за користење и прегледен, што со постојаниот увид во сметка им овозможува на граѓаните дополнителна сигурност“, вели Предраг Милошевски, Втор Генерален директор на КБ Прво пензиско друштво.

Третиот пензиски столб покрај професионалната пензиска шема, каде компанијата уплаќа за вработените, нуди можност и за индивидуална уплата, односно индивидуална сметка каде граѓанинот уплаќа за самиот себе и тоа кога сака и колку сака.

Средствата од доброволниот, трет пензиски фонд се вложуваат во обврзници, депозити, акции во странство или Етф-и и фондови кои во својата структура имаат акции, обврзници или други финансиски инструменти и се тргуваат на берза, парични средства и во акции од домашната берза.

 

 


Видете следно

По 10.000 денари за првенците на генерација во Општина Аеродром

 Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, денеска им додели пофалници и еднократна парична награда во …