Доделени 638 стипендии за ученици Роми во прво и второ одделение во учебната 2020/2021


Вкупно 638 стипендии се доделени на ученици Роми запишани во прво и второ одделение во учебната 2020/2021 година во рамки на проектот финансиран од Европската Унија „Редовно на часови: Акција за вклучување на Ромите во основното образование”.  

Стипендијата е за период од една учебна година и во износ од 400 евра годишно во денарска противвредност. Наменета е за покривање на трошоците за школување на децата, за храна, облека, училиштен прибор и материјали, спортска и друга опрема за воннаставните активности на децата.  

 Проектот е имплементиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со партнерите Здружението Центар за образовна поддршка „Дендо вас” и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор”.  

 –Право на стипендија имаа ученици Роми кои се запишани во прво одделение во учебната 2020/2021 година, чии семејства се приматели на социјална помош, која е поврзана со приходите на семејствата. Следејќи ги овие критериуми, стипендии се доделија на вкупно 320 ученици запишани во прво одделение, соопшти ФООМ. 

 Примателите на стипендијата се од 58 основни училишта од 31 општина. Воедно, во оваа учебна година се доделени 315 стипендии на ученици Роми запишани во второ одделение и три стипендии за ученички запишани во трето одделение. Стипендистите доаѓаат од 56 основни училишта од 28 општини и 54 отсто се девојчиња, а 46 отсто се момчиња.  

 ФООМ информира дека на 280 од овие приматели им е обновена стипендијата доделена минатата година за прво одделение. Три од нив беа префрлени во второ одделение, така што оваа учебна година ја следат наставата за трето одделение и стипендијата им е обновена.  

 Редовните ученици ќе може да ја задржат стипендијата за тековната година, a оние кои успешно ќе преминат во следното одделение, ќе можат да ја обноват и наредната учебна година. 

 Проектот „Редовно на часови: Акција за вклучување на Ромите во основното образование” е финансиран од Европската Унија и ќе се имплементира до октомври 2022 година. хс/лв/

Скопје, 23 февруари 2021 (МИА) 


Видете следно

МОН: Практичната работа ги прави мајстори уште пред да завршат школо

Четврта генерација во дуалните паралелки во велешкото средно стручно училиште „Коле Неделковски“ Мајстор се станува …