Доделени сертификатите на 10 кандидати што ја завршија обуката за оџачари


Во средното училиште на Град Скопје „Здравко Цветковски“ денеска беа доделени сертификатите на 10 кандидати што ја завршија обуката за оџачари во првата група од наставата што ја организираше Град Скопје. Доделувањето на сертификатите на новите оџачари беше дел од одбележувањето на патрониот празник на СУГС „Здравко Цветковски“, под мотото „Мисија воздух – вдиши длабоко“.

Во Скопје 45% од вкупниот број домаќинства се греат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот. Според некои податоци во Скопје има над 60.000 оџаци што многу ретко се чистат, а општо е познато дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе од исчистен оџак. Организирањето обуки за оџачари е само дел од чекорите што ги презема Град Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци. Обуката за оџачари Град Скопје ја организираше во две групи. Во тек е обуката на втората група кандидати за оџачари во СУГС „Здравко Цветковски“.

Како дел од мерките за борба против загадувањето, во тек е пријавувањето за субвенции за чистење оџаци и ќе трае до 22 ноември 2018 година. Со овој повик, Градот Скопје ќе им надомести дел од трошоците на домаќинствата и на други субјекти за чистење на оџаците, во износ од 1.000 денари, а на јавниот повик можат да учествуваат физички и правни лица чиешто живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје. На овој повик на Град Скопје досега се пријавиле 137 граѓани.

Учениците од СУГС „Здравко Цветковски“ на одбележувањето на патрониот празник денеска дадоа пример за одговорно однесување спрема животната средина, односно подготвија макети на познати објекти во кои е вклопена архитектурата и природата, еколошки паноа, жив ѕид со растенија, модна ревија со рециклирани материјали, цртежи и литературни творби. Средношколците во изминатиов период работеле и на краток филм, фотографии и статија со кои учествуваат во проект на тема загадување.


Видете следно

Со менторство до побрз развој на човечките ресурси во компаниите

Законско регулирање на менторството на работното место,  потреба од изготвување на стандард кој воедно ќе …