Доделени стипендиите „Борис Трајковски“ за школување во „НОВА“


Меѓународното училиште „Нова“ во соработка со фондацијата „Борис Трајковски“ десетта година по ред го спроведе проектот за стипендирање на талентирани ученици. Анастасија Марковска од ОУ „Александар Здравковски“ од Јегуновце, Витан Черепналковски од ОУ „Коле Неделковски“ и Теодора Павловска од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ од Скопје се овогодишни добитници на целосни стипендии за четиригодишно школување во гимназијата „Нова“. Борјан Гаговски од основното училиште „Нова“ е прогласен за академски ученик на „Нова“ со право на целосна стипендија за четиригодишно школување во гимназијата. Стипендиите се доделени врз основа на резултатите кои учениците ги постигнаа на тестовите по англиски јазик, математика, есејот на зададена тема, како и на интервјуата со комисијата.

На официјалната церемонија, покрај претставници на семејствата на идните стипендисти, нивните наставници, како и учениците-добитници на оваа стипендија од претходните генерации, присуствуваше и г-ѓата Вилма Трајковска.


– Среќни сме што пред нас стојат млади и исклучително талентирани ученици кои ќе бидат носители на стипендијата „Борис Трајковски“ и воедно ќе претставуваат дел од мисијата и идејата на мојот сопруг дека младите и нивното образование се најважни двигатели на едно општество. Тој беше голем поддржувач и пријател на „Нова“ и по десет години, со задоволство можам да кажам дека би се гордеел со постигнувањата на учениците од изминатите генерации носители на оваа стипендија – изјави г-ѓата Трајковска.

Овие стипендисти исто така ќе бидат поддржани од фондацијата „Борис Трајковски“ и меѓународното училиште „Нова“ во текот на нивното школување активно да учествуваат во локални, регионални и меѓународни лидерски проекти и натпревари каде ќе имаат можност да ја претставуваат мисијата и визијата на училиштето и на фондацијата, но и на својата држава.


Програмата започна во 2005 година и досега ја завршија седум успешни генерации на матуранти, кои образованието го продолжија на врвни американски и европски универзитети.


Видете следно

НОВОГОДИШНА ЕЛКА НА ЖЕЛБИ ВО РАМСТОР МОЛ: Хуманитарна кампања на Рамстор Мол и Црвен Крст

Традиционално, како и секоја година, 13-ти пат Рамстор Мол во соработка со Црвен Крст на …