Донесена Уредба со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците


Со задоволство ја информираме јавноста дека денес е донесена Уредбата за начинот на промена на договорните услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците подготвена од Народната банка, Министерството за финансии и Правната комисија при Македонската банкарска асоцијација.

Во согласност со Уредбата, банките и штедилниците ќе подготват и понудат можности на клиентите за променети договорни услови со цел ублажување на негативните економски ефекти на пандемијата со COVID-19 која директно се одрази на дел од компаниите и физичките лица и нивната способност за редовно сервисирање на долговите.

Со Уредбата е пропишано банките и штедилниците да ги применат достапните мерки алтернативно или кумулативно односно:

– на своите интернет страници, или преку писмена или електронска комуникација, да ги известат клиентите за понуда која ќе вклучува промена на условите за сервисирањето на кредитната изложеност и / или

– да одлучуваат по секое поединечно барање доставено од должниците за промена на условите за сервисирањето на кредитната изложеност поднесено (писмено или електронски) и преку електронска комуникација да достават понуди до поединечните должници или ги известат за одбивање на барањето.

Членките на Македонската банкарска асоцијација активно се подготвуваат да постапат согласно Уредбата при што би сакале да истакнеме дека Уредбата претставува олеснување за клиентите корисници на кредитен производ за изменување на условите секаде каде што ќе се утврди дека тоа е потребно.

Македонската банкарска асоцијација во периодот кој следи ќе остане посветена на изнаоѓање решенија за надминување на сите проблеми предизвикани од оваа криза со најмали последици за сите чинители на нашето општество.


Видете следно

Владата ја задолжи Развојната банка на Северна Македонија АД да склучи договори за кредит со кредитобарателите

Владата ја задолжи Развојната банка на Северна Македонија АД да склучи договори за кредит со …