Државниот пазарен инспекторат поднесе кривични пријави против три угостителски објекти во Охрид


Сопствениците на три угостителски објекти на охридското крајбрежје заработија кривични пријави поради непочитувањето на одредбите од Протоколот за работа во услови на епидемија.

Станува збор за два угостителски субјекти на плажите 2 и 3 во автокампот Градиште, како и угостителскиот објект „Егоист” лоциран на плажата кај поранешен хотел „Парк”.

Сите кривични се поднесени поради стореното дело непридржување кон точките 2, 3 и 4 од Протоколот за работа во услови на КОВИД-19, а се однесуваат на неносење маски од посетителите, неодржување пропишана дистанца меѓу масите, столиците, лежалките, како и непридржување кон обврската за дезинфекција на инвентарот.

Од синоќа на социјалните мрежи постојано се споделуваат снимки од забави организирани изминатите празнични денови, конкретно на плажа во Градиште, на кои се гледа како млади лица се забавуваат без притоа да се почитуваат протоколите за носење маска и одржување социјална дистанца.

Екипи на државниот Пазарен, Трудов и Градежен инспекторат во соработка со полицијата постојано се на терен, обидувајќи се да воведат ред во работењето на угостителите, но и оние кои работат на диво односно наплаќаат за издавање лежалки без соодветна дозвола и во отсуство на концесионери што би стопанисувале со плажите. Викендот се поднесени 17 прекршочни пријави против такви субјекти, и тоа 12 во Охрид и пет од Струга.

Присуството на инспектори на концертот на хрватски пејач одржан на 1 август на Античкиот театар придонесе на истиот да се почитуваат предвидените мерки за спречување на ширење на коронавирусот и вечерта да мине согласно протоколите.

Охрид, 3 август 2020 (МИА)


Видете следно

Северна Македонија и Албанија со спогодба ќе го заштитат рибниот фонд во Охридското и Преспанското Езеро

Отстранување на пречките и подобра институционална соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија е …