Дука: За три години целосно ќе биде надминат проблемот со водата за пиење


Во текот на вчерашниот ден успешно беше извршена замена на дел од вентилите на водоводот Росоки-Дебар, со што е означен почетокот на проектот во три фази, со кој конечно ќе биде надминат долгогодишниот проблем со недостиг на вода за пиење во Дебар и населените места.

-Како еден од најприоритетните проблеми за нас, преку физибилити студијата ги идентификувавме проблемите и понудивме решение во три фази. Прва и најважна фаза е сегментот од изворот на Росоки до главниот градски резервоар, тендериран и во сите фази, работите ќе ги изведува фирмата „ЦМЦ“ од Скопје. За таа цел, општина Дебар од својот буџет одвои околу 200 илјади евра, сопствени средства кои целосно ќе ја покријат првата фаза, изјави градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.


Според него, оваа инвестиција е најголема во изминатите над три децении, од изградбата на водоводот во 1988 година.

-Во овој период како резултат на деградацијата на мрежата имаше големи загуби на вода во мрежата. Сегашниот проект предвидува замена на 64 воздушни и испусни вентили, изградба на четири дополнителни шахти со димензија 4 x 5м, опремени со сите најсовремени инструменти. Трасата од 19,7 километри што е опфатена со оваа фаза, ќе биде целосно опфатена, а сите проблеми предизвикани од овој сегмент конечно ќе се решат со оваа интервенција, истакна Дука.


По завршувањето на првата фаза, како што најави Дука, започнуваат процедурите и проектот за втората фаза која предвидува изградба на нов резервоар, додека со третата фаза ќе биде опфатена целата дистрибутивна мрежа во градот, која е поделена на четири зони.

– За нас како локална власт и за мене како нејзин градоначалник загрижувачки е проблемот кога зборуваме за вода за пиење и за руралните средини за кои обезбедивме конкретни вложувања за хлорирање и изградба на резервоари, рече Дука.


Според него, во селото Долно Косоврасти се очекува новиот резервоар да биде пуштен во употреба во рок од три месеци, додека во Горно Косоврасти проблемот е решен пред два месеца со реконструкција на резервоарот и замена на вентилите. Во селото Могорче се подготвува техничкиот проект и се очекува реализацијата да започне на пролет следната година, а во селата Џепиште и Отишани се подготвува проект за системот за хлорирање, кој се планира да почне наскоро. вт/бак/

Дебар, 26 ноември 2021 (МИА)


Видете следно

Утринските температури во цела држава под нула

Во целата држава утринава температурите се под нула. Најстудено е во Берово каде се измерени …