Двесте и педесет студенти дипломираа на Меѓународниот Балкански Универзитет и влегуваат на пазарот на трудот


Двесте и педесет студенти, од академската 2018/2019 година во прв и втор степен високо образование на Меѓународниот Балкански Универзитет се стекнаа со статус дипломирани и ќе ја зголемуваат конкуренцијата на пазарот на трудот.

Меѓународниот Балкански Универзитет, на свечена церемонија и во присуство на Премиерот Зоран Заев, претставници на дипломатскиот кор, пред деловната заедница од земјава и регионот како и гости од општествениот живот, ги претставите новите дипломци и постдипломци.
Новодипломираните студенти беа поздравени од Претседателот на Управниот одбор на Универзитетот, г-дин Ајдован Адемоски.

„Квалитетот на универзитетското образование игра клучна улога во унапредување на технолошките процеси и поттикнување на економскиот развој на една земја. Токму затоа, Меѓународниот Балкански Универзитет ги продуцира најдобрите глобално конкурентни професионалци кои се подготвени веднаш да се натпреваруваат во компетитивна средина. Овој универзитет е создаден врз идејата да го понуди најдоброто високо образование, па така и овие 250 тукушто дипломирани со нивните новостекнати квалификации се доволно самоуверени да ги навестат позитивните промени и општествено одговорни да влијаат врз околината, а тоа е исполнување на мисијата на универзитетот“, истакна Претседателот на Управниот одбор на Универзитетот, Адемоски.
На церемонијата беше присутен и Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, кој ги поздрави дипломците и ја врачи дипломата на првенецот на генерацијата.

„Меѓународниот балкански универзитет е високообразовна институција која е сериозен чинител во системот на високото образование во Република Северна Македонија. Со одлуката да инвестира во нов универзитетски кампус овде во главниот град, со најсовремени услови за образование, наука и истражување, Меѓународниот балкански универзитет докажа дека инвестирањето во Северна Македонија е паметен чекор, особено кога инвестицијата се однесува најдиректно на младите генерации. Во оваа насока, силно ја поддржуваме соработката на Меѓународниот балканскиот универзитет со бизнис заедницата и со државните институции, и охрабрувам таа соработка да се продлабочи со нови партнерства кои ќе донесат успешни резултати за сите нас како општество. Република Северна Македонија ги отвора портите за ваше инволвирање во општеството, и топло упатувам препорака и до бизнис заедницата, фокусот да го насочи кон овие генерации затоа што на нив е иднината и тие се нашите нови лидери“, истакна во своето обраќање премиерот Заев.

Меѓународниот Балкански Универзитет веќе 13 години работи во Македонија со меѓународно акредитирани наставни програми и студенти од преку 10 земји, коишто добиваат најквалитетно високо образование во земјава. Шангајската листа го рангира МБУ како најдобриот универзитет во Македонија во областа на наставата и учењето, а универзитетот бележи завидна бројка од над 90 отсто вработени дипломци, во државата и во регионот, во првите 6 месеци по дипломирањето.

„Ова е деветта генерација дипломци и петтата постдипломци што излегуваат од образовните процеси на нашиот универзитет. Со образованието стекнато преку нашите напредни наставни и образовни методи, тие се комплетно подготвени да се наметнат како конкурентен фактор на глобалниот пазар на трудот. Пред нас е уште една генерација млади интелектуалци и професионалци која е во тек со сите трендови во светот и своите знаења ќе ги вложи во развојот и перспективата на сопствената земја. И оваа генерација ќе потврди дека Меѓународниот балкански универзитет е место каде се создаваат и развиваат прогресивни, напредни идеи и визии“, потенцираше Ректорот на Универзитетот, проф. д-р Мехмет Дурсун Ердем.

Меѓународниот Балкански Универзитет има воспоставено над 170 договори за меѓународна соработка, од кои 76 преку европската програма Еразмус+, 47 за турската програма за студентска мобилност Мевлана и 47 билатерални договори за соработка. Сето тоа отвора можност за меѓународна размена на студенти во повеќе од 40 земји ширум светот.

На универзитетот функционираат 7 факултети кои нудат 18 програми за додипломски и 10 програми за постдипломски студии, a во тек е акредитација на првите докторски студии во областа на економијата и компјутерското инженерство. Универзитетот го поседува најмодерниот универзитетски кампус во државата, направен според највисоките стандарди за образование во 21-от век. МБУ е единствениот универзитет во земјава каде англискиот јазик е и службен и наставен, односно наставната програма се одвива целосно на англиски јазик, но тоа не треба да се смета за пречка кај оние на кои англискиот јазик не е најсилна страна. Програмата на универзитетот нуди интензивна програма во Школата за англиски јазик целосно вклучена во годишната школарина.


Видете следно

ДОДЕЛЕНИ СЕРТИФИКАТИ НА КАНДИДАТИТЕ КОИ УСПЕШНО ГИ ЗАВРШИЈА ОБУКИТЕ ЗА ПРОЕКТИРАЊЕ И ИНСТАЛИРАЊЕ СИСТЕМИ ЗА КОРИСТЕЊЕ ЕНЕРГИЈА ОД ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА ВО ГРАДБИ

Денес, 17.9.2019 година, во Стопанската комора на Македонија, како резултат на успешно спроведени пилот-обуки во …