Економска интеграција во поддршка на европската перспектива на Балканот


Интензивна економска соработка, регионални пакет-мерки за социо-економско закрепнување од пандемијата на КОВИД-19 се меѓу заклучоците на дискусијата на лидерите и учесниците од шесте земји од регионот на денешниот виртуелен самит, организиран од Атлантскиот Совет на САД, посветен на економската интеграција на Западен Балкан. 

Учесниците се согласија дека преку зајакната економска соработка, слободно движење на луѓе, добра и услуги, ќе се придонесе кон побрзо социо-економско закрепнување на регионот, ќе се зголеми неговата конкурентност, а ќе биде и попривлечен за влез на странски инвеститори. Меѓу заклучоците од самитот се и преземените обврски за отстранување на административните пречки за слободното движење на добра и услуги, вложување во инфраструктурни и инвестициски проекти со кои брзо и ефикасно ќе се спроведуваат чекори за закрепнување на регионот.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање истакна дека Северна Македонија во целост ги поддржува предлозите за регионална соработка и во таа насока посочи дека економската агенда треба да има приоритет пред политичките или безбедносните прашања, кои долго време беа предмет на дискусија во регионот. Тој додаде дека новите инцијативи е потребно да бидат комплементарни со постоечките и да се во тесна врска со институционалните рамки за соработка во Европската Унија. Исто така, претседателот истакна дека не смееме да дозволиме европската интеграција да остане далечна, затоа што ситуација кога нема напредок на европскиот пат не е поволна за развојот на Балканот.

Претседателот додаде дека економските иницијативи се многу важни затоа што тие можат да помогнат во справувањето со масовното иселување на жителите од Балканот. Регионалната соработка може значително да придонесе за подобрување на економските параметри на земјите, за полесно да се справат со миграцијата.  

На виртуелниот самит свое учество земаа и останати високи претставници од шесте земји од Западен Балкан, претседателот на Србија Александар Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама, косовскиот премиер Авдулах Хоти, претседателот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија и црногорската министерка за економија Драгица Секулиќ.

Настанот беше организиран од Атлантскиот совет, тинк-тенк организација од САД, во соработка со партнери од Владата на САД, Европската Комисија, Европската служба за надворешни работи и други меѓународни партнери на Атлантскиот совет.


Видете следно

Осум програми за макрофинансиска помош во поддршка на земјите во процес на проширување и земјите од соседството, за С.Македонија 160 милиони евра

Европската Комисија (ЕК), во име на ЕУ, од денеска договори Меморандуми за разбирање (МзР) за …