Електронска продажба на ствари што ги користат државните органи


Владата на Република Македонија на минатата седница го усвои Предлог законот за именување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите на државните органи изјави на прес-конференцијата портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев.

Со предложените измени и дополнувања, во идниот период започнувајќи од 1 јануари 2014 година се воведува обврска за електронска продажба на стварите што ги користат државните органи, односно продажбите ќе се вршат по електронски пат. Новото законско решение ќе се однесува на постапките за продажба на стварите кои што ги користат државните органи, во прв ред министерствата, но и сите други буџетски корисници или единки корисници на средства од буџетот, дефинирани како државни органи согласно Законот за користење и располагање со стварите на државните органи.

Електронската продажба на стварите ќе се одвива преку софтверското решение кое ќе биде воспоставено во Министерството за финансии, односно во Управата за имотно правни работи која и ќе оперира со електронскиот систем.

Во соодветна постапка, регулирана во наведениот закон, сите физички и правни лица ќе можат преку регистрирање на електронскиот систем да наддаваат за купување ствар (недвижна или движна), која што врз основа на претходно донесена одлука од Владата ја отуѓува некој државен орган кој веќе нема потреба од нејзино натамошно користење.

Државниот орган кој ја продава стварта ќе треба задолжително да објави јавна објава во најмалку три весници, од кои 2 на македонски јазик, а еден на јазикот кој го користат заедниците кои не се мнозинство, и таа објава покрај во весниците ќе треба да биде поставена и на интернет страницата на Управата за имотно правни работи. Во објавата треба задолжително да бидат наведени описот на стварта, нејзината површина, почетната цена на наддавањето и останати битни критериуми и карактеристики.

Во принцип рокот во објавата трае 20 дена во кои секој заинтересиран субјект за купување на стварта може да се пријави до Комисијата која ја спроведува продажбата. При пријавата тој треба да уплати депозит во висина од 5% од проценетата почетна цена на наддавањето, депозит кој му се враќа во случај да не победи на јавното наддавање. По пријавата тој од Комисијата која ја спроведува постапката добива шифра за пристап во електронскиот систем, и информации за денот и времето кога ќе се одржи електронското јавно надавање.

Во конкретниот тајминг, ден и час, кога ќе се одржи наддавањето, сите субјекти кои аплицирале за купувањето наддаваат со чекори на наддавање кои изнесуваат 1% од почетната цена на наддавање по чекор. Субјектот кој ќе понуди највисока цена се стекнува со правото да ја купи стварта која е предмет на продажбата. Потоа, во рок од 5 дена субјектот кој победил на наддавањето и државниот орган кој ја продава стварта склучуваат договор, а субјектот е должен во рок од 15 дена да ја уплати полната вредност на средства која е постигната на наддавањето. Доколку тоа не го стори, јавната продажба се поништува, средствата од депозитот се задржуваат во државниот орган, а субјектот кој имал обврска да ја плати цената, а не ја платил добива негативна референца и се исклучува од ваквите постапки во следниот извесен период согласно закон.

Со овие законски решенија, несомнено ќе се придонесе за поголема транспарентност во постапките за продажба на стварите кои што ги користат државните органи и поголем достап на субјекти до процесите, се создава нова алатка за борба против корупцијата и се стеснува просторот за самоволно однесување на институциите, а се намалуваат и трошоците во време и средства за субјектите кои сакаат да учествуваат во процедурите на купување на ствари, а нивниот пристап до можноста станува поефикасен и поефективен.


Видете следно

Ангеловска-Бежоска: Потребна е натамошна консолидација на банкарските системи во регионот на Западен Балкан

Иако последиците од глобалната финансиска криза во голема мерка се надминати, сепак банкарските системи од …