Еве колку промет е остварен во викендот без ДДВ


Двапати поголем промет е реализиран во изминатиот викенд, кој беше Викенд без ДДВ во однос на трите денови пред тоа, односно на 7,8 и 9 октомври. Согласно податоците од Управата за јавни приходи во деновите 10, 11 и 12 октомври кога се спроведуваше мерката од четвриот пакет Викенд без ДДВ, прометот изнесува 526 милиони денари, а враќањето на ДДВ кон граѓаните за купени македонски производи, услуги и компјутерска опрема досега е 63,4 милиони денари.

Ова, како што информираат за МИА од УЈП, е согласно скенираните сметки преку апликцијата Мој ДДВ, која беше приспособена за реализација на оваа мерка.

-Согласно овие податоци вкупниот промет од македонски производи во деновите без ДДВ на 10,11 и 12 октомври , споредено со претходните три дена на 7,8 и 9 октомври е зголемен двапати, оценуваат од Управата за јавни приходи.

Оттаму очекуваат измени до завршување на рокот за скенирање на фискалните сметки, бидејќи фискалните сметки од Викендот без ДДВ се скенираат во рок од три дена по издавањето на сметката, што значи дека сметките издадени на 10 октомври може да ги скенираат заклучно со денеска, сметките од 11 октомври се скенираат заклучно со утре, односно 14 октомври 2020 година и сметките издадени на 12 октомври се скенираат заклучно со 15 октомври.

Викендот без ДДВ, е мерка од четвртиот пакет антикризни мерки во која граѓаните имаа можност да купат македонски производи и услуги и компјутерска опрема при што ќе им биде вратен целосно пресметаниот ДДВ.

Секој граѓанин можеше во овие три дена да добие поврат на целиот ДДВ за направен вкупен промет до 30.000 денари. За тоа требаше да ги земе фискалните сметки и во рок од три дена од издавањето на сметката да ја скенира преку апликацијата Мој ДДВ. За да се реализира целиот поврат на фискалната сметка производите треба да бидат раздвоени и означени како македонски.

За прометот над 30.000 денари што го оствариле граѓаните во овие три дена важат воспоставените правила за поврат на 20 отсто од платениот ДДВ за домашните производи и услуги и 10 отсто за странските, а повратот ќе се врши по истекот на тримесечјето.

Парите од пресметаниот ДДВ за прометот во Викендот без ДДВ на граѓаните ќе им бидат вратени до крајот на месецот на нивната трансакциска сметка.

Целта на оваа мерка, која претставува и почеток на реализација на четвртиот пакет антикризни мерки вредни 470 милиони евра, е да им се даде можност на граѓаните да извршат целосен поврат на данокот на додадена вредност за прометот реализиран преку фискални сметки издадени за периодот 10, 11 и 12 октомври.

Проценките се дека со оваа мерка кај граѓаните ќе се слеат 17.000 милиони евра, а целта е да се поттикне прометот на домашни производи и услуги, како и заради зголемена дигитализација на нашето општество.

Оваа мерка можеа да ја искористат околу 350 000 граѓани кои се регистрирани во системот на Управата за јавни приходи за скенирање фискални сметки.скс/лв/

Скопје, 13 октомври 2020 (МИА)


Видете следно

Доларот најслаб од 2018 година: Американската валута ослабе и во однос на еврото

На девизните пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата со валути падна на најниско …