Еве што изјави Заев за случајот со Рашковски


Никој не е над законот, ниту е заштитен зашто е носител на некоја функција, но никој не е ниту виновен додека тоа не се докаже, повтори денеска премиерот Зоран Заев во врска со поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Заев подвлече дека како и за сите институции, така и за премиерот, министрите, генералниот секретар има контролни механизми. Тој останува на својот претходно искажан став за Рашковски, но, како што рече, истрагата треба да ги даде резултатите.


-Прво е Државен завод за ревизија, второ е Антикорупциска комисија која ја има под мониторинг Владата, на крајот се истражните органи, Јавното обвинителство, судовите. Постојат контролни механизми, сигурно има и други институции надлежни во однос на јавните институции. Така и за генралниот секретар. Тој не е ни повеќе ни помалку од останатите. Се прават редовни, но и ад-хок контроли. Во Владата многу често е присутна контрола за економски криминал, зашто јавноста бара, присутна е контрола за организиран криминал, а постојано истражува и Антикорупциска, истакна Заев, одговорајќи на нвоинарско прашање по посетата на американската компанија „Кемет Електроникс”.

Според него, транспарентноста и отвореноста на Владата која им овозможува увид на сите, не само на новинарите, денес е огромна предност за земјата.

-Ве повикувам да го прочитате Деловникот за работа на Владата и Законот за Влада. Ќе ги видите јасно опишани надлежностите на генералниот секретар. Тој управува со Владата, владиниот Кабинет и со Генералниот секретаријат. Од тука може да се види од каде се црпат надлежностите за одредени постапки како софтверски решенија, анализи, студии, набавки на опреми, објасни Заев.

Во однос на Шекеринска, премиерот повтори дека ја почитува нејзината одлука повторно да не се кандидира за заменик-претседател на партијата. Со неа, нагласи, заедно ја креирале новата програма на СДСМ која, меѓу другото, предвидува да се возобноват кадрите и да се даде шанса на нови луѓе.

Заев потенцира дека според него премиер не треба да има повеќе од два мандата.

-Сериозните политички одлуки за државата прво се консултираат во највисокото партиско раководство. Само следете не, времето е пред нас, ќе видите дека се работи за искрено другарство и пријателство. Некои од нас понатаму ќе станат советници, некои можеби ќе си одат од политика, се се врти и се се менува, рече Заев. мч/свс/

Скопје, 23 април 2021 (МИА)


Видете следно

Се огласија од УИС: Еве што доставил осудениот Зоран Милески Кичеец

На осудениот Зоран Милески му е одобрен 30-дневен прекин на издржувањето на казната затвор, поради …