Фото: Depo.Ua

Факти за Богородичната црква во Париз кои веројатно не ги знаете


Богородичната црква е една од првите цркви во светот каде се употребени арбутани (надворешни потпорни арки). Зданието првично не било предвидено да има арбутани околу хорот и бродот. По започнувањето на изградбата, откога потенките ѕидови (популаризирани во готиката) израснале уште повисоко, почнале да се јавуваат пукнатини од напон, како што ѕидовите притискале нанадвор. За да го решат проблемот, архитектите изградиле потпори на ѕидовите однадвор, и подоцнежните доградби продолжиле да се вршат на тој начин.

За време на радикалната фаза на Француската револуција (1790-ти г.), катедралата настрадала од сквернавење, кога голем дел од верската иконографија бил оштетен или уништен. Истата била обновена во текот на XIX век, и така катедралата го добила својот поранешен изглед.

Во 1160 г., бидејќи црквата во Париз станала „парохиска црква на европските кралеви“, епископот (бискупот) Морис де Сили сметал дека постоечката париска катедрала е недостојна за оваа благородна функција. Така, штом се здобил со титулата Епископ на париз, тој ја урнал. Според едно предание, Сили имал визија за величенствена нова катедрала во Париз, и ја нацртал во калта, во дворот на постоечката црква. За овозможување на изградбата, епископот урнал неколку куќи и и зградил нов пат кој би овозможил пренос на материјалите за изградба на новата катедрала.

Изградбата започнала во 1163 г., за време на владеењето на кралот Луј VII. Не се знае со сигурност дали каменот-темелник го удрил епископот де Сили, или пак папата Александар III, бидејќи обајцата биле присутни на таа свеченост. Потоа епископот де Сили го посветил својот живот и богатство на изградбата на катедралата.

Изградбата на западната страна, со двете карактеристични кули, започнала околу 1200 г., пред завршувањето на бродот, што е спротивно на вообичаената градежна практика. За време на периодот на изградба, на проектот работеле многубројни архитекти, како што може да се види по различните стилови и висини на западниот дел и кулите. Помеѓу 1210 и 1220 г., се вклучил и четврт архитект кој го изградил нивото со розетен прозорец и големите сали под кулите. Кулите биле завршени околу 1245 г., а самата катедрала била завршена околу 1345 г.

Богородичната црква има пет ѕвона. Големото бурдонско ѕвоно наречено „Емануел“ е сместено во јужната кула, и тежи околу 13 тона, и се ѕвони за да се означат часовите, како и по разни прилики и богослужби. Во северната кула има уште четири додатни ѕвона на тркала, кои се звонат со нишање. Овие одѕвонуваат за разни богослужби и празници. Некогаш тие се ѕвонеле рачно, но денес работата ја вршат електромотори. Ѕвоната имаат и надворешни токмаци и со нивна помош се свират мелодии на мала клавијатура.

Околу 13 милиони посетители и верници ја посетуваат црквата годишно, или во просек околу 30.000 дневно. Во најфреквентните денови, над 50.000 луѓе дневно влегуваат во катедралата.

По 5 богослужби дневно се одржуваат од понеделник до сабота, а во недела по 7. Кога на тоа ќе се додадат празничните и други специјални служби, излегува дека преку 2.000 богослужби годишно се одржуваат во црквата.

За дрвената градба се употребени 1.300 дабови дрва, или 21 хектар шума.

На северната кула се наоѓаат 4 ѕвона од XIX век со тежини од 767 kg до 1915 kg.

На јужната кула има едно ѕвоно од XV век, прелеано во 1681 на барање на Луј XIV, кое тежи 13 тони.

Нултата точка“ на Франција, која е референтна точка за растојанијата долж автопатиштата кои започнуваат од Париз, се наоѓа на плоштадот пред катедралата.

За време на раниот XIX век, катедралата била запуштена, и градските урбанисти почнале да размислуваат да ја уриваат. Писетелот Виктор Иго, кој бил голем обожавател на катедралата, го напишал романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“ делумно од причина да ја подигне јавната свест за ова културно-историско богатство, што предизвикало повторен интерес за оваа црква. По ова следела кампања за собирање на средства за обнова, и катедралата започнала да се реставрира во 1845 г.

На врвот од катедралата стојат 13 обезбоени статуи. Дванаесет гледаат нанадвор и ги прикажуваат Дванаесетте апостоли, додека на тринаесеттата е прикажан самиот архитект, како гледа навнатре, со раширени раце.


Видете следно

Овчеполската житница станува извор на зелена енергија (видео)

Дел од некогашната овчеполска житница веројатно догодина ова време ќе стане извор на таканаречена „зелена …