ФЕИТ промовираше 204 дипломци и 67 магистри – втор циклус на студии


Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, во своето обраќање во Македонската Филхармонија на дипломираните студенти и на магистрите им порача „можностите кои ги нуди вашето стекнато знаење на ФЕИТ се неограничени и дозволете си водилки да Ви бидат храброста и интуицијата, но и вербата дека сте опремени со сé што Ви е потребно да се зафатите силно во костец со новите предизвици. Можеби сум пристрасен, но искрено верувам дека сте најсреќните дипломци на целиот универзитет, бидејќи сте меѓу најуспешните и најнаградуваните студенти. Оваа генерација донесе многу успеси на ФЕИТ… Се надевам и верувам дека сте подготвени и инспирирани за задачите што Ве чекаат и верувам дека имате доволно страст да ги направите Македонија, а некои од Вас и светот, подобро место“.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, изрази задоволство што сé поголем број ученици се одлучуваат своето образование да го продолжат на некој од техничките факултети во земјава.

„Тоа е добро, бидејќи да се биде студент на техничките науки, значи да се инвестира во сигурна иднина… Македонското инженерско образование, за разлика од порано, е многу поотворено кон потребите на бизнис заедницата. Тоа може да се види од интересот на факултетите да прават промени, да отвораат нови студиски групи и програми и да ги надградуваат постојните, со што се прилагодуваат кон потребите на стопанството. Особено овој факултет ги следи современите образовни и општествени текови и трендови и ги имплементира во работата и образовниот и научен процес. И затоа е карактеризиран како модерна високо образовна установа“, рече министерот Адеми.

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, професор д-р Никола Јанкуловски на дипломците и магистрите им порача дека овој навидум крај, е почеток на нов животен циклус во кој влегуваат наоружани со знаење.

„Со вашето студирање на најстариот и најдобриот универзитет го стекнавте вистинскиот потенцијал да се изградите во уште поуспешни личности. Апелирам да не дозволите приликите во кои битисуваме да ја урнат вашата мотивација и да го оневозможат вашиот потенцијал. Нека амбицијата, упорноста, визијата бидат ваши моќни оружја за остварување на зацртаните цели и придонес во животот и во науката“, рече ректорот професор д-р Јанкуловски.

Од своето досегашно постоење, во далечната 1959 година, на Факултетот за електротехника и информациски технологии дипломирале околу 10.000 студенти и над 1.000 магистри.



Видете следно

Министерот за култура Исмаили присуствува на Саемот на книгата во Франкфурт

Министерот за култура, Хусни Исмаили, од денеска (17 октомври) престојува во работна посета на Франкфурт, …