Филипче: Сериозен процент од новозаболените не знаат каде се заразиле


Сериозен процент од новозаразените едноставно не можат или не знаат да кажат каде се заразиле и во таа смисла таргетираме места каде што има групирање. Целта е да се носат маски, да се избегне групирање, сметаме дека со новите предлог-мерки влијаеме на повеќе фактори, на повеќе места да се намали ризикот од трансмисија на вирусот, истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Имено, како што јави МИА, на истата прес-конференција беше соопштено дека Комисијата за заразни болести предлага да се воведе целосна забрана за организирање на настани, скратување на работното време на сите економски субјекти до 23:00 часот и капацитетот во јавниот превоз да биде исполнет до 50 отсто.

Како што изјави Филипче, согласно важечките уредби со законска сила, потребно е да се направат законски измени за претходните мерки. Додаде дека законот е веќе во собраниска процедура и очекуваат следната недела да се изгласа во однос на предложениот пакет мерки како задолжително носење маски на отворено, забрана за групирање по 22:00 часот и забраната за домашни посети, со цел како што рече, Филипче, инспекторите и Министерството за внатрешни работи да можат да постапуваат во однос на контрола и преземање санкции.

Рече дека во однос на капацитетите на болниците целосно е подготвена модуларната болница, таму се уште нема примено пациенти, но веќе се пристигнати лекарите и медицинските сестри од другите клиники.

Во однос на бројките на новозаразени Филипче напомена дека кај нас, но и во регионот и во Европа се зголемува бројот на новодијагностицирани случаи, што, како што посочи е нешто што се очекувало согласно есенскиот бран.

Претседателот на Комисијата за заразни болести Жарко Караџовски, на новинарско прашање во однос на тоа дали се размислува воведување на полициски час, рече дека во моментов не се разгледува тоа прашање, но оти за во идниот период сите мерки стојат на располагање.

– Ние како Комисија не сме ги исцрпиле сите мерки што може да му ги предложиме на министерот. Во ниту една Европска дружава нема полициски час, освен во Франција. Дали во перспектива тоа може да се направи? Ние во моментов не размислуваме, меѓутоа епидемиолошки сме на идеја, доколку ништо од ова не се почитува, што ни останува понатаму, рече Караџовски.

Тој нагласи дека е факт оти мерките не се почитувале, посочувајќи дека во следните денови ќе се следи бројот на позитивни случаи со цел да бидат предложени нови мерки.

– Анализата на епидемиолошките податоци во последниве три дена кога имаме драстично зголемен број на позитивни лица укажува дека одредени настани кои што се случиле во нашето секојдневно опкружување се главниот промотор на поголем број на случаи, тоа значи настаните, тоа значи концертите, тоа значи забавите, се она што го видовме на телевизија, групирањето и непочитувањето на мерките или непочитување во таа смисла што никој не носеше маска, образложи претседателот на Комисијата.

Тој посочи дека имаме типичен есенски бран на Ковид-19, што го предвиделе уште пред четири, пет месеци, но, според него овој есенски бран е дојден малку порано во смисла дека есенските услови не се такви да имаме групирање строго во затворен простор.

– Со доаѓањето на сезонскиот грип оваа шанса за зголемување на бројот поради групирање ќе биде поголема, нагласи Караџовски.

Тој упати апел до целата јавност строго да се почитуваат мерките со цел да се спречи ширење на епидемијата.

– Самите ако не си помогнеме на себе, не може да ни помогнат уште 500 доктори, 500 сестри, уште 20 болници, сето тоа ќе се исполни брзо, а ние како што знаете работиме од март месец па навака, бараме помош од сите. Да ги почитуваме мерките заради фактот дека тоа го правиме заради нас, нашите најблиски нашите фамилии. Непочитување на мерките ќе не одведе до огромен број на заболени, ќе не одведе до преполнување на болничките капацитети, посочи Караџовски.

Тој реагираше и на фактот што во изминатиот период се одржуваат свадби и семејни веселби, иако тоа не е дозволено. см/ац/

Скопје, 16 октомври 2020 (МИА)


Видете следно

Будванските села – бисери на јадранскиот брег

    Будва отсекогаш била позната како атрактивна туристичка дестинација, која посебно во текот на …