„Finance Think”: Сивата економија во 2020 година намалена во однос на 2006 година


Сивата економија во 2020 година е намалена во однос на 2006 година, а најголемите намалувања се случиле за време на финансиската криза во 2009 година и по воведувањето на минималната плата во 2012 година, покажува најновото истражување направено од Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think”.

Според наодите од истражувањето, во 2020 година уделот на сивата економија во БДП бил 23,2 проценти за разлика од 2006 година кога изнесуваше 31,6 проценти.


Забележливо е дека од 2013 година, уделот на сивата економија во БДП стагнира, а во пандемиската 2020 благо се влошува, што според „Finance Think”, е поради тоа што формалниот БДП доживел поголем пад во однос на неформалниот БДП.

Анализата вклучува две групи фактори со потенцијално значење за сивата економија и тоа даночните политики и политиката на минимална плата.


Во делот на даноците, констатацијата е дека каква и да било потенцијална реформа на директните даноци, првенствено на даноците на трудот, негативно ќе се одрази врз сивата економија доколку не е придружувана со зајакнати капацитети на даночните власти за прибирање на даноците и јакнење на даночниот морал кај населението.

Во делот за минималната плата, оценката е дека нејзиното воведување во 2012 година придонело за намалување на сивата економија, но анализата покажува дека зголемувањето на уделот на минималната плата во просечната ја стимулира неформалната економија. Препораката е дека неопходно е минималната плата да расте во согласност со продуктивноста на трудот, со паралелно јакнење на капацитетите за спроведување на регулативата во сферата на работните односи.


– Генерално, наодите укажуваат дека е неопходно дизајнирање политики за зголемување на продуктивноста на долг рок, и тоа преку создавање и стимулирање домашен конкурентен пазар преку релаксирање на регулативата и либерализација на трговијата, преку зголемување на квалификуваноста на работната сила преку реформирање на образовниот систем, преку насочување на средства кон истражување и развој, и преку зголемување на ефикасноста на јавната администрација за да се намали товарот врз приватниот сектор, велат од „Finance Think”. бак/дма/

Скопје, 13 мај 2022 (МИА)


Видете следно

ССМ: Бесими да прочита што е предвидено во закон и колективен договор

Го потсетуваме Министерот Бесими дека Владата на седницата на ЕСС на која се утврди зголемувањето …