Финансиска поддршка за истражувачи за студиски престои во странство и за учество на научни собири


Научните истражувачи може да аплицираат за доделување средства за студиски престои во странство, за учество на меѓународни научни собири и за финансирање материјални трошоци и услуги за печатење зборници на трудови од одржани научни собири за 2020 година.

Трите конкурси за финансиска поддршка ги објави Министерството за образование и наука и за сите рокот за аплицирање е до 27 ноември 2020.

Право да аплицираат на конкурсите имаат субјектите кои вршат научно-истражувачка дејност: државните и приватните универзитети (научни институти и факултети), МАНУ, самостојни државни и самостојни приватни високообразовни установи, јавни, приватни и мешовити научни установи и самостојни истражувачи (регистрирани во Регистарот на субјекти за вршење научно-истражувачка дејност при Министерството за образование и наука).

Пред да ја поднесат пријавата, домашните научни истражувачи треба да се регистрирани во националниот E-CRIS.МК информациски систем за истражувачка дејност во Република Северна Македонија со активен и ажуриран профил.

Средствата што ќе им бидат доделени се пресметуваат согласно со расположивите финансии на МОН за тековната година и во зависност од износот за патните трошоци (за студиски престои во странство), патните трошоци и висината на котизацијата (за учество на меѓународни научни собири) и зависно од бројот на учесниците на научниот собир (за печатење зборници на трудови од научни собири).

Во конкурсите се наведени критериумите, документите што треба да се достават и може да се преземат пријавите за аплицирање.

Скопје, 3 септември 2020 (МИА)


Видете следно

ФДА го одобри „Ремдесивир” за лекување Ковид-19

Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) го одобри првиот лек за лекување на …