ФИНАНСИСКАТА ЕДУКАЦИЈА СТАНУВА ПРЕДИЗВИК ЗА УЧЕНИЦИТЕ ВО ЗЕМЈАВА


Одѕивот на јавниот повик за учество во Европскиот квиз на парите укажува дека во текот на следниве месеци учениците од нашава земја повеќе ќе ги прелистуваат страниците на книгите за пари и финансии и дека финансиски ќе се едуцираат. И покрај тоа што кај нас овој квиз се одржува првпат, интересот е  многу поголем од очекуваниот. На повикот за учество на овој квиз се пријавија 145 одделенија, односно класови, од основните и средните училишта од Република Македонија. Тоа значи дека околу 3.000 деца од целата земја во наредниот период ќе посветат повеќе внимание на едукација од областа на финансиите и економијата, што ќе овозможи подигнување на финансиската писменост кај младата популација, како значаен аспект за изградба на квалитетни кадри во иднина. Организатор на овој квиз во земјава, чија цел е унапредување на финансиска едукација на младите од тринаесетгодишна до петнаесетгодишна возраст, е Македонската банкарска асоцијација, во соработка со Министерството за образование и наука, Народната банка на Република Македонија и Комисијата за хартии од вредност.

Што се парите, кој ги издава, каде и како се штеди – ова се само дел од прашањата на кои ќе треба да одговорат тинејџерите од нашата земја. Ќе треба да знаат и што е кредит, камата, профит, што се акции, каде и како се купуваат или се продаваат, како да се заштитат од компјутерски измами… многу прашања чии одговори, носителите на иднината на нашава земја – младите, ќе треба  да ги научат и  да ги совладаат во текот на следниве месеци.

Квизот ќе се одвива во две фази – прва се националните првенства во земјите  учеснички, а втора фаза е финалниот натпревар кој се одржува во Брисел. Со цел подобра подготовка, на 22 февруари, во просториите на НБРМ ќе се одржи подготвителна средба и обука за наставниот кадар, односно менторите на учениците вклучени во националното натпреварување.

Натпреварувањето во Македонија ќе започне на 13 март кога во сите класови и одделенија на пријавените училишта ќе се  спроведе првото подготвително тестирање, а  една недела подоцна да се одржи и второто. По овие две тестирања, двајца ученици од секое одделение и клас коишто ќе покажат најдобри резултати на двете тестирања  ќе настапат на  финалниот национален натпревар, кој  ќе се одржи во Скопје на 27 март, за време на Европската недела на парите. По финалниот натпревар ќе бидат познати двајцата победници кои ќе ја претставуваат Република Македонија на Европскиот квиз на парите во Брисел, Белгија на 7 мај годинава. И на националните натпревари и на завршницата во Белгија, тестирањето на учесниците ќе биде спроведено на мајчин јазик.


Видете следно

Заврши меѓународна коференција за продлабочување на односите меѓу граѓаните од Дупница и Крива Паланка

Заврши четиридневната меѓународна конференција, која се спроведе во рамки на проектот „Споделени вредности – споделена …