ФИТР со нов јавен повик за младите „Предизвик за млади истражувачи 5″


Фондот за иновации и технолошки развој денеска објави нов јавен повик „Предизвик за млади истражувачи 5 – Зелени проекти” наменет за ученици од целата држава, чија цел е поттикнување на креативното размислување кај младите и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод.

Повикот е наменет за сите основни и средни училишта, кои можат да аплицираат со истражувачки проекти од областа на природните и техничките науки, организирани во тимови од пет до десет ученици предводени од еден до двајца ментори. Процесот за истражување треба да се основа на „научен метод”, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда / модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а резултатите од истражувачкиот проект треба да бидат применливи во зачувување и унапредување на животната средина и биодиверзитетот.


„Преку овој повик, сакаме да потенцираме дека секој ученик има способности да се вклучи во процесот на истражувачки активности. Сметам дека е потребна шанса да им се даде на младите за да се поттикне креативното размислување, нивниот потенцијал кој го поседуваат но и поддршка во развој на иновативни решенија за одредени проблеми со кои се соочуваме. Особено ми е задоволство што ФИТР веќе петти пат по ред го спроведува „Предизвикот за млади истражувачи”, преку кој досега имаме поддржано над 100 училишни проекти и преку 700 ученици и ментори”, изјави Фестим Халили, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Халили додаде дека очекува како и досега да има голем интерес за повикот, а младите ги охрабри да се пријават и заеднички да креираме успешни проекти кои ќе имаат позитивно влијание врз зачувување и унапредување на животната средина.


Вкупниот фонд за овој предизвик изнесува 3 милиони денари, а наградите ќе бидат поделени во две категории, истражувачки проекти од основни и средни училишта. Максималниот буџет за поединечен предлог проект треба да изнесува до 200.000 денари. За наставниците кои ќе водат ученички тимови, ќе биде обезбедена награда во износ од 30.000 денари, наменети за набавка на дигитална опрема која ќе биде применлива во наставниот процес.

Посебно се охрабруваат проекти кои имаат интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите, односно имаат еднаква родова застапеност, вклучуваат деца со различна етничка припадност, деца со посебни потреби, деца од различни возрасти и слично, како и проекти кои се поднесени од училишта од рурални средини.


Активностите предвидени во предлог проектот треба да соодветствуваат на активностите на истражување и развој, односно предлог проектот треба да вклучува активности кои ќе ја тестираат дефинираната хипотеза по пат на експеримент и набљудување.

Секој предлог проект кој ќе пристигне во рамки на јавниот повик ќе се оценува според квалитетот на проектот, применливост на резултатите од истражувањето, усогласеност на предлог проектот со целите на јавниот повик и капацитет на проектниот тим.

Сите млади ентузијасти кои имаат идеја и амбиција, своите предлог проекти треба да ги достават до 02.11.2022 година, до 14.00 часот. Со цел да се поддржат тимовите во процесот на подготовка на предлог проектите, ФИТР ќе организира повеќе инфо сесии. Сите дополнителни информации во врска со повикот можат да се добијат на: https://fitr.mk/предизвик-за-млади-истражувачи-5/


Видете следно

Македонски научници – дел од тимот што освои прва награда на престижната меѓународна конференција Ubicomp во Англија

За време на водечката меѓународна конференција за паметни технологии и уреди – Ubicomp и ISWC …