Фракција за ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вели партијата е посилна и пообединета


Нова фракција во најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе делува во насока на демократизација и реорганизација на партијата, процес кој треба да почне со оставка на лидерот Христијан Мицкоски. За Мицкоски иницијативата не заслужува коментар, а ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, е се посилно, пообединето, посплотено.

Членот на партијата и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Андонов, кој вчера на прес-конференција пред партиското седиште го најави почетокот на работата на фракцијата, истакна дека Мицкоски е политички потрошен и треба да си замине од лидерската позиција во ВМРО-ДПМЕ.


– Денешната прес-конференција е со единствена тема – јавен и отворен повик до Мицкоски да си даде оставка од својата позиција претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да го отвори со тоа патот да се извршат неопходните демократски промени во ВМРО-ДПМНЕ и партијата која во почетокот на своето создавање во деведесеттите години беше симбол на македонската демократија, повторно да се врати на пиедесталот како нормална демократска партија, а не како симбол на политичка декаденција, рече Андонов.

Основната политичка цел на фракцијата, покрај оставката на Мицкоски, кој, како што рече, е потрошен политички, е и повик до членството за обединување и за организација на избори за нов претседател на партијата. Според Андонов, фракцијата е поддржана од ветерани, основачи на ВМРО-ДПМНЕ, обични членови, од некогашни функционери на партијата, но и од луѓе во актуелното раководство. Со пратениците вели, не разговарал, поради општата политичка состојба во која тие се наоѓаат.


– Кога велам потрошен, потрошен е политички, затоа што ако тргнеме наназад пет години, кажете ми една работа која Мицкоски ја направи, нешто со што ВМРО-ДПМНЕ може да се гордее дека учествувало во некој процес или одбранило некој национален интерес во Македонија. Јас и луѓето кои се тука, а веројатно и мнозина други кои се и внатре во партијата го мислат истото, но од причина што не сакаат Мицкоски да им биде на врат, односно да ги малтретираат, не излегоа денеска со нас, останаа затскриени, рече Андонов.

Тој нагласи дека не станува збор за паралелна структура, туку дека ќе делуваат внатре во партијата како фракција со единствена цел – демократизација и ревитализација на партијата, чиј прв чекор е оставка на Мицкоски.


Прашан за тоа од колку членови на партијата имаат поддршка, Андонов рече дека нема да лицитира со бројки и оти се отворени за сите членови на партијата. Моментот на покренување на иницијативата, според Андонов, не е поврзан со превирањата и односот со скопската градоначалничка Данела Арсовска, додавајќи и дека бил против тоа таа да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје.

– Зошто сега? Затоа што сега се исполнети сите услови за членството во целост да ги гледа работите како што треба. Ова е желба на членството, не е моја лична желба, рече Андонов подвлекувајќи дека Мицкоски нема да даде оставка сега, но ќе биде доведен во состојба под притисок на членството да мора да замине од партијата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, пак, изјави дека од неговиот избор за прв човек на опозициската партија се бара негово менување, а партијата, вели, станува се појака и пообединета. Тој не сакаше да го коментира барањето на Андонов и други членови на партијата, за негова смена.

– Не можам да кажам дека во ВМРО-ДПМНЕ има фракции. Инаку, мене такви луѓе четири и пол години ме менуваат, а ВМРО-ДПМНЕ е се појако, пообединето, посплотено. Така ќе биде и на следните предвремени парламентарни избори со рекордна победа, со мнозинство во Парламентот. За него немам што да го губам вашето време да го коментирам, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за барањето за негово менување од Андонов и Фракцијата за демократско ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ.

Одговарајќи на новинарско прашање што ќе прави партијата после пропаднатата иницијатива за одржување референдум против Договорот за Бугарија, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја урива оваа Влада се до организирање предвремени парламентарни избори.

За тоа дали опозициската партија ќе ја поддржи иницијативата на Левица за референдум, рече дека „играта на поднесување иницијативи можеме да ја играме до бескрај”, но дека е направен преседан со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за што претседателот на Собранието еден ден ќе одговара.

Во партиската реакција пак, се посочува дека иницијативата на Андонов е толку безнадежна и безначајна што не вреди посебен коментар, и преставува дефокус на власта од енергетската и економската криза, а ВМРО-ДПМНЕ е победничка партија и партија која ја декласира СДСМ на последните избори.

-На власта и е потребно дефокус од скандалите, од дезертерствата, инфлацијата и енергетската криза совршено во тој план се вклопуваат таквите поединци и разно разни нејзини инсталации и уценети поединци на кои ќе им дадат гласност. Како резултат на сѐ поочигледната кадровска и програмска индиферентност на СДСМ, не би нѐ изненадило и други ликови од темниот полусвет на македонската политика да ги злоупотреби за да создава некаков привид за наводно неединство во ВМРО-ДПМНЕ, стои во партиската реакција.

Владејачката СДСМ, пак, во реакцијата порача вината за расколот и внатрешните кавги, судири и расправии за „рацете во медот” ВМРО-ДПМНЕ да не ја бара кај други туку во сопственото раководство. За паниката и хаосот кој владее во ВМРО-ДПМНЕ има основани причини, но тие, наведуваат, не може да бидат поврзани со никој друг освен со нив самите.

-„Белата палата” е единствената адреса, а Христијан Мицкоски е единствениот повикан за сите проблеми коишто ги има ВМРО-ДПМНЕ. Со денови слушаме меѓусебни обвинувања во ВМРО-ДПМНЕ за криминал.
Самите се фатија со рацете во медот и се скраа за тендер од 136 милиони евра. Самите даваат различни изјави од Мицкоски за промена на Уставот и против референдум. Самите велат дека Мицкоски бил потрошен и треба да си даде оставка. До заклучкот многу лесно се доаѓа. ВМРО-ДПМНЕ има бројни внатрешни проблеми кои треба да си ги решава, но она што е поразително, не само што не е реформирана партија, туку е и дополнително криминализирана, наведуваат од СДСМ.

Иницијатива за промена на Мицкоски од лидерската позиција, пред две години побараа повеќе истакнати актуелни и поранешни функционери, градоначалници и пратеници, меѓу кои и Ивица Конески, Никола Тодоров, Митко Јанчев и Сашо Мијалков, но ваквата иницијатива позната и како „Мериот коалиција” згасна.

Мицкоски веќе петта година ја предводи опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Беше избран за претседател на партијата во 2017 година, а на лидерската позиција е реизбран во 2021 година. Мандатот на претседателот на партијата согласно партискиот Статут е четири години, а се избира од страна на Конгресот на партијата. вг/нд/


Видете следно

Османи на брифинг со новинарите за учеството на 77-та сесија на Генералното собрание на ОН

Османи на брифинг со новинарите за учеството на 77-та сесија на Генералното собрание на ОН