Глобална краудфандинг платформа за прв пат достапна на македонскиот пазар


За прв пат глобалната краудфандинг платформа „Фандербим“ станува достапна на македонскиот пазар, што значи можност за пристап до финансии за компаниите, како и можност за вложување на инвеститори во компании кои се во почетна фаза на развојот, беше истакнато на денешното официјализирање на соработката меѓу Сојузот на стопански комори на Македонија и Македонска Берзa. Меморандумот го потпишаа Габирела Кулебанова, потпретседател на Сојузот и Иван Штериев, главен извршен директор на Берзата. Договорот има за цел меѓу другото, на компаниите членови на Сојузот да им се овозможи пристап до алтернативен извор за финансирање.

„Неопходно е подигнување на свеста за различните модели на финансирање, кои се од големо значење особено во денешните услови на отежнат пристап до финансирање. Токму затоа, Сојузот на комори сака да ги направи подостапни сите можности кои се нудат за влез на средства во домашните компании, со долгорочна цел – градење на силен национален приватен сектор. Нашата земја неопходно е да е во чекор со глобалните финансиски текови и средствата кои се вложуваат во компаниите и во нивниот развој да бидат достапни и за македонските компании“, истакна Кулебанова и додаде во соработка со Македонската берза која има пристап до интернет платформата „Фандербим“ за финансирање се отвора нова можност за компаниите.

Штериев истакна дека целта на Меморандумот со Сојузот на стопански комори е отпочнување на интензивна соработка помеѓу двете институции во доменот на размена на информации, едукација и создавање партнерство во функција на идно поповолно деловно окружување.

“Имајќи го ова предвид, Берзата во наредниот период ќе иницира низа активности наменети за членовите на Сојузот на Стопански комори, со цел генерално да се претстават можностите и придобивките на пазарното финансирање, процесот на иницијална јавна понуда и котација на берза. Во тие рамки, денес за членките на Сојузот беше извршена презентација на глобалната иновативна краудфандинг платформа Фандербим, со која Берзата има склучено ексклузивен договор за соработка. Преку оваа платформа македонските стартапи, но и малите и средни претпријатија, добиваат можност за пазарно финансирање, локално и глобално, во зависност од нивната иновативност и конкурентност, а домашните инвеститори прилика да вложат во бизнис проекти во кои ќе препознаат добар потенцијал”, истакна Штериев.

Македонија преку Македонска берза е прва земја од регионот на Западен Балкан, која ќе има пристап до интернет платформата Фандербим, за финансирање која функционира преку принципот на креирање кампањи за собирање средства, таканаречени – краудфандинг. На присутните компании членови на Сојузот, им беа презентирани можности за пристап до глобална интернет платформа Фандербим – за финансирање и трговија која овозможува поврзување со 200.000 приватни компании и 17.000 инвеститори низ Европа.


Видете следно

Најголемо зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен е во секторот Финансиски дејности и дејности на осигурување

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, …