Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, синоќа присуствуваше на одбележувањето на 54 годишнината од постоењето на КУД „Китка“ од Драчево, информираат од општина Кисела Вода.
Во своето обраќање до присутните тој се заблагодарил за поканата и за сè што прават во насока на зачувување на нашата вековна традиција преку македонските песни и ора.
Тој истакнал дека ова културно друштво е вистински чувар на македонскиот идентитет.
– Со голема чест и задоволство присуствуваме на уште еден од големите концерти на ансамблот „Китка“. Во предвечерието на нивната јубилејна 55-та година, вечерашниот настап на амбасадорите на македонскиот фолклор кои се препознатлив белег и симбол на Драчево и драчевци, а со тоа и на целата Општина Кисела Вода, повторно ќе нè врати во минатото, кај нашите предци и нивните обичаи, ќе испише уште една страница во фолклорниот историски учебник за Македонците од овој дел на градот, рекол Ѓорѓиевски.
Тој посочил дека секој успех на ансамблот „Китка“, секоја освоена награда, посебно оние надвор од границите на државата, за нас се огромна гордост и уште една потврда дека квалитетот и уникатноста се нешто по што сме препознатливи.
-И затоа, и вечерва нема да ги штедиме аплаузите за новата визуелизација на македонскиот бит која ќе ја донесат, како и секогаш, во полн сјај, потенцирал Ѓорѓиевски.
Градоначалникот нагласил дека КУД „Китка“ ја има поддршката од општината и од него.
-Пред да им ја отстапам сцената на овие наши уметници, сакам да им се заблагодарам за сето она што го прават за Драчево, за Кисела Вода, за Македонија и македонскиот народ. Нивното гласно говорење преку автентичниот ритам, преку песната, преку орото и носијата мора да продолжат и понатаму за што ќе ја имаат поддршката од Општина Кисела Вода и од мене како градоначалник. Успехот и понатаму нека биде ваш потпис, а афирмацијата на македонскиот фолклор и традиција – ваша обврска, додал Ѓорѓиевски, пренесуваат од општина Кисела Вода.ир/ев
Скопје, 17 декември 2022 (МИА)