Град Скопје ангажираше образовни асистенти за учениците со посебни образовни потреби


Градот Скопје во новата учебна година ангажира 16 образовни асистенти кои ќе работат со средношколците со посебни образовни потреби. Асистентите кои се ангажираат во рамки на проектот „Поддршка на инклузијата во образовниот процес – унапредување на правата и можностите за ранливите категории граѓани во Град Скопје“, а кој е во соработка со Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и УНДП, ќе работат по четири часа дневно со учениците и ќе им помагаат во совладување на наставната материја и подобрување на успехот.

Услугата од асистентите е бесплатна за родителите кои дадоа согласност да се вклучат во проектот. Дел од средствата се обезбедени преку програмата Општинско – корисна работа, а дел се од Буџетот на градот.

Месечниот надоместок за асистентите изнесува нето 9.000 денари, а за нив Градот обезбедува и бесплатен јавен превоз кој ќе можат да го користат за време на ангажманот.

Ангажирањето образовни асистенти во средните училишта е продолжување на праксата од минатата година кога Град Скопје за првпат ја реализираше оваа активност. Потребата од повторно ангажирање стручен кадар кој ќе помага на средношколците за време на наставата се должи на позитивното искуство од претходната година и постигнатиот успех на учениците кои ја користеа услугата.

Во таа насока, минатата година Град Скопје за првпат додели награда за особени постигнувања и резултати во процесот на инклузијата на ученичка од четврта година во гимназијата „Никола Карев“, која користеше услуга од образовен асистент и постигна одличен успех во последната година од образованието.



Видете следно

МТСП посветено работи на развивање и подобрување на националните политики за превенција од трговијата со луѓе

Стратешка определба на Владата на РСМ и на Министерството за труд и социјална политика е …