Граѓанско-демократска унија: граѓаните не се должни да плаќаат високи плати и привилегии на луѓе кои не работат ништо


Главен и основен приоритет во програмата на Граѓанско-демократската унија (ГДУ) е реформа на администрацијата и промена на политичкиот систем во целина со единствена цел – намалување на јавните трошоци и пренамена на средствата за вложувања во образованието и здравството. Тоа денеска од Охрид го порача лидерот ГДУ Петар Колев.

Според Колев, реформите треба да почнат од врвот на пирамидата – од политичарите. Партијата ГДУ се залага за намалување на бројот на пратеници на 90, а во иднина и на 61.

Собранието е премногу скапа гласачка машина. Над седум милиони евра се трошат само за плати на пратениците. За ова година буџетот на Собранието е десет милиони евра. Реформи и во извршната власт, преку рационализација на администрацијата. Во ГДУ веруваме во мала, но ефикасна администрација. Тоа значи влада со 15 министри, без министри без ресор. Ние сметаме дека праксата купување политички мир во земјата со назначување министри без ресор мора да престане затоа што граѓаните не се должни да плаќаат високи плати и привилегии на луѓе кои не работат ништо, рече Колев.

Програмата на ГДУ предвидува и намалување на бројот советници на премиерот и воведување пракса на еден заменик-министер. Тие мерки ќе резултираат со намалување на трошоци во буџетот, а средствата ќе бидат пренаменети за вложување во приоритетите како здравството и образованието, како и во инвестиции во капитални проекти.

Колев уште рече дека партијата планира намалување на бројот државни агенции, администрација преку рационализација и предвремено пензионирање.

-Во кратењето на јавните трошоци мора да се посочат и паразитската пракса на именувања лица во надзорни и управни одбори на државни институции и агенции, кои освен што земаат плати со ништо не помагаат на општеството, рече Колев.

Тој изрази уверување дека предлозите и идеите на партијата во оваа кампања ќе наидат на разбирање кај граѓаните, дека ГДУ ќе ја добие поддршката за да може постулатите од програмата да успеат да ги донесат во идниот состав на македонското Собрание.

Охрид, 29 јуни 2020 (МИА) –


Видете следно

„Зошто се важни вашите пари?” – регионална кампања за родово-одговорно буџетирање

„UN Women” во Северна Македонија ја започна кампањата „Зошто се важни вашите пари?”, како дел …