HR експерти од земјата и регионот на годинешната конференција за човечки ресурси


Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР) оваа година ќе ја организира 10тата, јубилејна годишна конференција за човечки ресурси. Темата на која ќе излагаат експертите е „Од менаџмент со човечки ресурси –  до почитување на луѓето“ (From HR to RH – Respect for Humanity) и во рамките на истата ќе се дискутира од повеќе аспекти и различни сектори и индустрии. Организаторот најавува присуство на истакнати експерти од оваа област, како и универзитетски професори од Италија, Португалија, Словенија, Унгарија, Грција и Австрија, кои ќе ги пренесат искуствата и практиките од другите земји. Основната цел е развој и промовирање на добрите практики во професијата управување со човечки ресурси, како и подигање на нивото на свеста за значењето на оваа професија за секоја компанија и за бизнис климата во целина.

Конференцијата за човечки ресурси, на која секоја година има повеќе од 300 учесници, претставува можност да се научат нови практики, вештини, како и напредни знаење од светски компании и трендови кои преку експозеа и студии на случај ги пренесуваат странските експерти, што дава и поттик и мотивација за внесување на човечките ресурси и во нашите компании. Тоа е и место на кое се сретнуваат понудата и побарувачката на услугите во овој сегмент и дава можност за воспоставување контакти и обнова на постоечките, размена на знаења и совети со колеги од други организации.

На конференцијата, исто така, повторно ќе бидат доделени награди во рамките на изборот за најдобар HR менаџер којшто првпат беше организиран во 2014 година, а чија цел е да се препознае, признае, промовира и да се награди успехот на најпосветениот професионалец во делот на управување со човечките ресурси. Оваа награда е признание и за организацијата која е посветена во интегрирање на успешните практики во делот на управувањето со човечките ресурси како една од носечките алки во делувањето на организацијата.

Македонската асоцијација за човечки ресурси која е главен организатор на конференцијата инаку е стручно, невладино, непартиско и непрофитно здружение на граѓани чија основна цел е развој на работната сила, промоција и унапредување на професијата управување со човечките ресурси, како и подигање на свеста за значењето на оваа област за секоја компанија. Oваа година организацијата на настанот е во партнерство со компанијата Вработување.ком.

Пријавувањето за годишната конференција што ќе се одржи во мај, веќе е во тек а за сите заинтересирани повеќе информации сe достапни на линкот.

Видете следно

Летачката амбуланта може еден ден да ви го спаси животот

Летачката амбуланта може еден ден да ви го спаси животот. Автономното беспилотно летало е всушност …