Breaking News

И институциите и бизнисот согласни дека за летното и зимското сметање на времето треба да се следат ЕУ директивите


Викендов почнува летното сметање на времето. Стрелките на часовникот ноќеска во два часот по полноќ ќе се поместат еден час нанапред, па наместо два, ќе биде три часот.


Во Северна Македонија важи средноевропското зонско време. Засега, и институциите и бизнисот сметаат дека во однос на сметањето на времето, и летно и зимско, земјава треба да ги следи европските директиви.


-Имајќи предвид дека сме увозно зависна економија, но и повеќето од извозот ни е насочен кон западните, односно европските земји, сметаме дека треба да ги следиме нивните чекори во сите аспекти. Без исклучок тука е и летното сметање на времето. Ова уште повеќе тежи кога се додава и фактот што ние како земја сме насочени кон евроинтеграциите и затоа, сите можни аспекти, било од географска или од економска смисла, треба да ги усогласиме со земјите членки на ЕУ, вели за МИА извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија, Дрилон Исени.

И претседателот на Сојузот на стопански комори (ССК), Трајан Ангелоски е дециден дека земјава треба да ги следи одлуките на ЕУ. Ако сметањето на времето биде различно, смета Ангелоски, бизнисот ќе претрпи огромни штети.


-Ако сакаме да бидеме дел од европската економска зона, тогаш апсолутно мора да ја следиме Европа во однос на часовите, односно сметањето на времето. Какво било поместување, па и од еден час, би нанело огромни штети. Ако Eвропа не го менува начинот на сметање на времето, не треба да го правиме тоа ни ние. Не сме ниту Истанбул, ниту Пекинг, ниту Шангај. Напротив, мала земја сме и ако направиме какви било поместувања во однос на временската зона, ќе настанат сериозни пореметувања. Воопшто, за временската разлика нема ниту една оправдана причина, да ја следиме ЕУ што прави зашто сакаме да сме дел од европското семејство, нагласува Ангелоски за МИА.

null


Според Министерството за економија, земјава ги носи одлуките за летно/зимско сметање на времето согласно ЕУ директивите.

Одлуката за летно сметање на времето, Владата ја донесе на 21 март


Законот за сметање на времето налага потреба од донесување Одлука за воведување летно сметање на времето. Оваа Одлука, како што велат од Министерството за економија, е во согласност со член 5 од Директивата 2000/84/ЕС OJ : JOL2001031R002101 на Европскиот парламент и на Советот од 19.01.2001 година за договорите за планот за летното сметање и Информацијата на Европската Комисија во сообразност со член 4 од Директивата, објавена во Службениот весник на ЕУ бр. C 61, 17.2.2016.

-Донесувањето на оваа одлука придонесува кон следење на долгорочната економска политика на Република Северна Македонија за асоцирање кон ЕУ, како и водење сметка за непречено функционирање на одредени сектори, не само за транспорт и врски, туку и други сектори од индустријата кои бараат стабилно и долгорочно планирање. Исто така, со ова се води сметка за непречено функционирање на внатрешниот и надворешниот пазар, олеснување на транспортот и комуникациите и географската положба, намалување на стопанските и нестопанските влијанија а посебно врз: користењето на електричната енергија, здравјето на човекот, работната способност, начинот на живеењето, земјоделството, заштитата на животната средина, безбедност во сообраќајот, туризмот и индустријата, велат од Министерството за економија.

Германските фабрички нарачки се со пораст во јуни, покажуваат денешните официјални податоци, според кои најголемата економија во Европа е на пат за закрепнување од падот, предизвикан од затво

Владата минатата година на 25 октомври донесе одлука и за зимско сметање на времето. Од прикажаната пресметка за потребна топлина и од анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, беше воочено дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 – 3,5 проценти за грејната сезона.

-Согласно направената анализа на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со враќање во зимско сметање на времето ќе се заштеди на потрошувачка на електрична и топлинска енергија, беше посочено во тогашното образложение за донесената одлука.

Пратениците на Европскиот парламент во март 2019 година заклучија дека последното заедничко поместување на часовникот на летно сметање на времето треба да се случи последната недела од март 2021 година, а земјите-членки што сакаат да останат на зимското сметање на времето треба да се прилагодат во последната недела од октомври 2021 година.

-Оваа Предлог-одлука требаше да биде потврдена од Советот на министри на ЕУ, а предвидуваше да се укинат сезонските промени на времето, но КОВИД-пандемијата го забави целиот процес. Земјите-членки би можеле да изберат дали да останат на летно сметање на времето (во тој случај последната промена на сметањето на времето би била последната недела од март 2021 година) или зимско сметање на времето (во тој случај последната промена на сметањето на времето би била последната недела од октомври 2021), велат од Министерството за економија и додаваат дека засега, конечна одлука нема.

Од ноќеска во два часот по полноќ почнува летното сметање на времето. Стрелките на часовникот ќе се поместат за еден час напред што значи дека наместо два ќе биде три часот.

Летното сметање на времето завршува на 29 октомври во 03 часот со поместување на часовникот за еден час наназад.

Мирјана Чакарова

Фото: МИА архива