Иднината е во зелената енергија


Македонија може да се развива со инвестирање во алтернативни извори на енергија во Македонија

Енергијата добиена од ветар, биомаса и вода не ја загадува животната околина, и се ефтин ресурс

Енерегетската иднина на Македонија е во искористувањето на обновливите извори на енергија добиени од ветар, биомаси и мали водотеци. Потреба што особено се наметнува во услови на константно зголемување на цената на суровата нафта и еколошката свест. Станува збор за извори на т.н зелена енергија кои се добиваат со релативно ниска цена, не ја загадуваат околината, нема потреба од увоз на гориво и се високо ефективен извор. Особено ветерниците кои ги карактеризира можност за производство на голема количина на енергија, не зафаќаат голем простор и се одличен извор на енергија во областите кои се надвор од градовите. Треба да се искористат овие можности, бидејќи Македонија изобилува со нив, и штета е да не се исползуваат, смета Сања Божиновска, директор на секторот за трговија со електрична енергија во Руднап, една од најголемите компании за трговија со струја во Југоисточна Европа, присутна и во Македонија преку партнерската компанија Energy services, како лиценциран трговец со електрична енергија.

Со уште неколку инвестиции на ова поле реално е да се очекува Македонија до 2020 година, 20% од вкупното производсто на електрична енергија да ја добива од обновливи извори на енергија, што е просек и на дел од земјите членки на ЕУ, како Бугарија и Естонија, а што е предвидено и според ЕУ. Македонија треба да се фокусира на уште една енергетска поврзаност со Србија, особено потребна бидејќи моменталната поминува низ Косово, а потребно е да се воспостави и со Албанија, со која моментално сме поврзани преку Србија. Со тоа се создаваат услови кои позитивно ќе делуваат на енергетската состојба во земјава, и се добиваат повеќе алтернативи, и поефтина цена на струјата во ситуација кога на берзата таа се намалува, како што е случајот периодов, децидна е Божиновска.

Што би добиле: подобрување на енергетскиот баланс, помала увозна зависност на земјава, помал буџетски и трговски дефицит, на долг рок постабилни извори на енргија и секако намалена цена на електричната енергија, што ќе влијае позитивно на конкурентноста на домашните индустриски капацитети, кои и се најголеми потрошувачи на електрична енергија, и кои поголемиот дел од нив ја добиваат по субвенционирана цена.

Јавно-приватните партнерства се од взаемен интерес, и тука Руднап како компанија со големо искуство на полето на енергетиката, може многу да направи, смета Божиновска, а како пример се истакнува инвестицијата во електрани на ветар во Романија, како и неколку хидроелектрани во Србија и Босна и Херцеговина. Стратешка цел на Руднап е дополнително да го искористи својот потенцијал за трговија со електрична енергија, преку развој, изградба и управување на сопствените производни капацитети преку инвестиции во проекти со кои се искористуваат обновливите извори на енергија. http://www.rudnap.com/english/

Во завршна фаза се 16-те ветерници на АД ЕЛЕМ во Богданци кои треба да испорачаат најмалку 100 гигават-часови природно одржлива енергија, што на годишно ниво е доволно за снабдување на домаќинства на 60.000 граѓани во земјава. А постојат и нови најави, што само потврдува дека имаме потенцијал и можности за вложување во енергијата од иднината. Секако со изградба на нови хидроцентрали може да се добие на диверзифицирано производство на електрична енергија, што дополнителни ќе влијае на балансирање на изворите на енергија. Процес кој е во тендерска фаза, и кој со доследна реализација ќе влијае позитивно.

 


Видете следно

Владата се задолжи 160 милиони евра кај ЕУ за справување со последиците од пандемијата

Владата ја донесе Уредбата со законска сила за задолжување на Република Северна Македонија кај Европската …