Иновативна мобилна апликација на ЕБОР за промовирање зелени технологии


Скопје, 29 јули 2020 (МИА) – Побрзо финансирање за климатските промени во време на корона вирусот и потоа, е целта на апликацијата за мобилни телефони Tech Selector што ја лансира Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Од апликацијата, достапна на повеќе од 10 јазици, корист ќе имаат, како што соопшти ЕБОР, бизниси, домаќинства, производители и продавачи.

Според Банката, бизнисите и сопствениците на домаќинствата ќе можат да ги користат мобилните телефони за да пребаруваат над 18.000 технологии кои ја подобруваат енергетската ефикасност, обезбедуваат обновливи извори на енергија, го намалуваат користењето на вода и спречуваат ерозија на почвата.

-Пандемијата на корона вирусот го забрзува префрлувањето кон онлајн трговијата. Ова е можност за унапредување на еколошката состојба во економиите на земјите. Нашата нова апликација го подобрува пристапот до информации во економиите каде мобилниот интернет е честопати понапреден од широко-појасните услуги. Tech Selector ги носи зелените технологии на еден клик до бизнисите и домаќинствата, со што ќе се овозможи намалување на сметките за комуналии, зголемување на продуктивноста и конкурентноста и подобрување на удобноста на домовите или деловните простории, вели Ксенија Брокман, помошник директор за енергетска ефикасност и климатски промени, ЕБОР.

Aпликацијата ќе го смени начинот на кој Банката ги испорачува финансирањата наменети за намалување на климатските промени за да ги задоволи потребите на клиентите кои сè повеќе ги користат мобилните средства за трговија и покрај пандемијата на корона вирусот.

Tech Selector ќе ја забрза реализацијата на финансирање проекти за поддршка на климатските промени преку Програмата за финансирање на зелени економии, другите финансиски инструменти на ЕБОР, меѓународните донатори и партнери ЕУ, Зелениот климатски фонд и Климатскиот инвестициски фонд.

Иновативната апликација базира на Селекторот на зелени технологии, првата алатка за е-трговија лансирана во 2018 година од страна на ЕБОР. Оваа онлајн платформа во шопинг стил, овозможува корисниците да имаат пристап до глобалните ресурси на зелени технологии, и е достапна во регионите каде ЕБОР има активности, но и вон нив.

Поставени се повеќе од 70 производи на платформата и апликацијата, а рангот на селектирањето варира од енергетски ефикасни топлински пумпи и соларни панели кои произведуваат обновлива енергија, па сè до иригациони системи за ефикасно искористување на водата и машини за сеење кои овозможуваат одржливо менаџирање на земјата.

Апликацијата и Селектророт на зелени технологии креираат пазар кој ги прави зелените технологии полесно достапни, истовремено промовирајќи ја меѓу-граничната трговија на економиите во регионите каде ЕБОР има активности. Производителите од цел свет може да ги достават своите производи во Селекторот на зелени технологии, а локалните продавачи може да ги регистрираат производите и локациите од каде што работата. Доколку доставената понуда ги задоволува барањата, ЕБОР овозможува истата да биде достапна до клиентите, да ја пребаруваат, и на апликацијата и на платформата.

Бизнисите и сопствениците на домаќинствата можат да пронајдат продавачи и производители, и за неколку минути да ја лоцираат најблиската понуда. Веднаш потоа, може да ги достават плановите за купување до финансиските партнери на ЕБОР – локалните банки, лизинг компаниите и институциите за микро-финансирање. Ова ќе го забрза времето на процесирање на барањата на клиентите и ќе направи полесно пристапување до финансирањето преку ЕБОР. Доколку клиентот реши да инвестира во зелена технологија која не е достапна во неговата земја, ќе може да ја увезе преку Програмата за олеснување на трговијата за зелени економии.

ЕБОР ја разви апликацијата Tech Selector и платформата под Програмата за финансирање на зелени економии со поддршка од донаторското финансирње на Министерството за финансии на Австрија.


Видете следно

Јас сум наставник, сакам да се вратам на училиште а мое мислење е дека е невозможно во наши услови

„Јас сум наставник и сакам што поскоро да заврши оваа пандемија и да се вратам …