Интернационален форум „Интеграциите во Европската унија и реформскиот процес на преговарачкото поглавје 20: Претпријатија и индустриска политика“


Од 18-19 април 2019 година, со почеток од 09.30ч, во Хотел Арка, во Скопје ќе се одржи Интернационален форум на тема „Интеграциите во Европската унија и реформскиот процес на преговарачкото поглавје 20: Претпријатија и индустриска политика“ (https://chapter-20-forum.b2match.io/). Интернационалниот форум го организира Фондација за Претприемачки сервис за млади во состав на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20” финансиран од Европската Унија.

Дво-дневниот Интернационален форум има за цел да овозможи вмрежување како и размена на добри практики во областа на поглавје 20. Покрај можностите за вмрежување на интернационално ниво, настанот ќе овозможи и промоција на активностите на новоформираната платформа „Поглавје 20“, како и ќе промовира регионална соработка за креирање на подобри индустриски политики и политики за малите и средни претпријатија.

Во состав на форумот планирани се панел дискусии како и средби за вмрежување помеѓу граѓанските организации и институциите од регионот со цел трансфер на знаење и размена на добри практики.

Форумот предвидува да вклучи 70 учесници, експерти во областа на поглавје 20, претставници од релевантни национални и регионални инстиуции, стопански комори, бизнис инкубатори, технолошки паркови, факултети и компании.

Дел од панелистите на форумот кои ќе ги пренесат нивните искуства и добри практики ќе бидат г-дин Роберт Ракар, извршен директор на Стопанската комора во Приморска, од Словенија, г-ѓа Тања Радусиновиќ, директор на проектниот оддел на Стопанската комора на Црна Гора, г-дин Роберт Блазиновиќ, раководител на сектор за индустриска политика при Министерство за економија, Хрватска, г-ѓа Теодора Георгиева, виш научен соработник во Фондот за применети истражувања и комуникации, Бугарија.

Целта на проектот „Јакнење на капацитетите и механизмите за поддршка на реформскиот процес на Поглавје 20” е активно вклучување на граѓанскиот сектор во реформскиот процес на Поглавје 20 преку структурирани напори и заеднички настап на граѓанските организации.

Проектот започна со реализација во мај 2017 година и истиот ќе заврши во мај 2019 година. Повеќе информации може да се најдат на www.poglavje20eu.org и www.yes-network.org .


Видете следно

Нова медицинска опрема на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија

Современа медицинска опрема, која се состои од два столба – специјални апарати за лапароскопска хирургија …