Интервју со Минчо Јорданов: 10 години oд постоењето на Европската Бизнис Асоцијација


Европската Бизнис асоцијација годинава прославува 10 години од своето постоење. По тој повод паралелно разговаравме со неколку истакнати членови на ЕБА, на теми како почетоците, целта на постоење и на самите активности во изминативе 10 години.

Разговорот го започнуваме со г. Минчо Јорданов првиот председател на ЕБА, кој ќе даде еден краток осврт на работењето на асоцијацијата во овој период?

На почетокот, би сакал да го истакнам своето задоволство, што еве после поминати 10 години имаме прилика да зборуваме за Европската бизнис асоцијација и нејзините успеси во овој изминат период. Јас лично ја имав таа чест, но и голема одговорност да бидам прв Претседател на оваа асоцијација. Секој нов почеток е тежок и полн со предизвици, но истовремено многу возбудлив затоа што е голема можноста да се создаде нешто успешно и функционално. Задоволен сум што успеавме во изминативе 10 години да ја етаблираме Европската бизнис асоцијација како независна, неполитичка и непрофитна организација која ќе даде дополнителна вредност во работењето на нејзините компании-членки. И не само на нејзините компании-членки, туку и на целокупната бизнис-заедница, затоа што многу од нашите активности биле насочени кон општо добро за целокупната бизнис заедница и за генерално подобрување на состојбите во Македонската економија и евро-интегративните процеси. Благодарејќи на партнерскиот однос со Делегацијата на Европската Унија, а особено со Владата на РМ, секогаш сме имале отворени врати за соработка, а исто така би сакал да го истакнам и воспоставениот партнерски однос со сите значајни економски чинители во Македонија.

Успеавме за овој изминат период да реализираме многу проекти, и се надеваме дека и во иднина ќе успееме да бидеме, како сервис за македонските компании, така и позитивен двигател на евро-интегративните процеси и развојот на Македонската економија.

За мене лично, секојдневното работење со најистакнатите менаџери на најголемите Македонски компании во изминатите 10 години, е непроценливо професионално искуство.

г. Јорданов, колку време сте инволвирани во работењето на ЕБА и кој е вашиот личен предизвик за извршувањето на оваа функција? Како што веќе е напоменато, јас сум вклучен во, не само работењето, туку и основањето на ЕБА во 2004 година, што ќе рече, буквално од раѓањето на оваа организација. Предизвикот и личната мотивација се повеќе од јасни, подготвен сум со личен допринос, на било кој начин да помогнам во подобрувањето на условите за работење на деловната заедница во Македонија и развојот на Македонската економија.


Видете следно

Нова состојба во светот со починати од коронавирусот: Еве каква била вчера ситуацијата во споредба со завчера

Соединетите Американски Држави станаа првата земја на светот во која бројката на заразени лица со …