Иран: Саудиска Арабија е извор на тероризам и екстремизам


Техеран, 24 септември 2020 (МИА) – Министерството за надворешни работи на Иран денеска ја опиша Саудиска Арабија како извор на тероризам и екстремизам, додавајќи дека Ријад секогаш се обидува да го прикрие овој факт, пренесува Ал Џезира.

Во соопштението на Министерството се наведува дека неодамнешните обвинувања на саудискиот крал Салман бин Абдулазиз кон Техеран пред ООН се резултат на постојани воени и политички порази во Јемен, како и обид да се отфрли одговорноста за, како што велат, воените злосторства извршени од Саудиска Арабија кон јеменските жени и деца.

Исто така, во соопштението се додава дека регионот страда од погрешната политика на Саудиска Арабија, а особено се посочува дека официјален Ријад плати милијарди долари на Соединетите Американски Држави и дека прави напори да ги зајакне односите со Израел, сето тоа поради слабеењето на неговата регионална позиција.

Кралот Салман бин Абдулазиз рече дека „Кралството подаде рака на Иран за мир и работи на градење позитивни односи, но иранскиот режим ги нападна саудиските нафтени постројки минатата година”.

Преку видео обраќање до Генералното собрание на ОН вчера на 75-годишнината од неговото формирање, тој рече дека иранскиот режим продолжува да ја напаѓа Саудиска Арабија со балистички ракети и беспилотни летала и повика на цврст меѓународен став за да се спречи Иран да развива оружје и да го спонзорира тероризмот.

Саудискиот суверен повика на мирен соживот и солидарност меѓу земјите од светот и нивните народи да се соочат со заеднички предизвици, додавајќи дека регионот на Блискиот исток страда од безбедносни предизвици. паг/


Видете следно

Дневен преглед на состојбата со Ковид-19 во светот

Според најновите податоци, во светот со новиот коронавирус досега се заразени 40.874,043 лица. Од последици …