Иселувањето на лекарите е многу поголем проблем од оној со потерницата за Груевски


Како човек, кој е директно инволвиран во здравствениот систем на нашата држава јас секојдневно се судрувам со проблемите кои го мачат републичкото здравство. Ги поздравувам иницијативите на Клубот на млади лекари за намалувањето на егзодусот врз белиот мантил и воедно со тоа го повикувам министерството за здравство веднаш да отпочне консултации со претставници на сите чинители во давањето, примањето на здравствените услуги и оние кои треба да ги финансираат овие услуги.

Во текот на изминатиот период бевме сведоци на контрадикторни политики на министерот за здравство и премиерот на Владата, што ни малку не придонесуваат за подобрувањето на условите за младите, идните и постоечките лекари и другиот медицински персонал.

Фактот дека повеќе од 1200 млади лекари ја имаат напуштено Македонија во последните 7 години, покажува дека трендот на недоволна ангажираност на надлежното Министерство за подобрување на статусот, условите за работа и примањата на медицинските работници продолжува.

Ветувањата за позитивни промени во здравството барем засега остануваат убава бајка, во која како што изгледа веруваат се помалку луѓе. Тука се крие и причината зошто лекарите масовно си заминуваат и ја бараат својата професионална реализација и егзистенција надвор од земјата.
Потсетувам дека само пред неколку дена медиумите објавија дека во источниот дел на земјата се набљудува дефицит на медицински работници.

Според мене тоа е многу поголем проблем од „главната” дилема што ја тресе јавноста деновиве, а имено каде се наоѓа Груевски и зошто уште се нема пријавено во предистражниот затвор „Скопје”.

Алармантните статистички податоци нека бидат предупредување за сите посебно за политиките на Министерството и Владата кон оваа многу осетлива и болна тема за граѓаните на Македонија.

Автор: Д-р Енсер Јусуфоски, потпретседател на Граѓанско Демократска Унија


Видете следно

Украина позајмува 5,5 милијарди американски долари од ММФ

Меѓународниот монетарен фонд објави дека постигнал принципиелен договор со Украина за заем од 5,5 милијарди …