Источниот и Североисточниот регион ќе ги затворат сите диви депонии


Обврската за управување со комуналниот отпад, вклучувајќи го и управувањето со регионалните депонии е обврска на единиците на локалната самоуправа. Истите, соочувајќи се со  ниски капацитети (и технички, и финансиски) за самостојно да го воспостават наведениот систем, и бидејќи општините во сите региони на државата не ги исполнија обврските кои произлегуваат од Законот за управување со отпад, односно бидејќи општините по соодветните региони не се организираа во законскиот рок  да основаат депонии за комунален отпад во согласност со законот, Владата на Република Севрна Македонија донесе одлука за преземање на обврската од општините во одделни плански регион и започна да го спроведува процесот за основање на регионални депонии во согласност со Планот на Република Северна Македонија за управување со отпад.

Министерството, со средства од Европската Унија во изминатиот период подготви проектна и тендерска документација за воспоставување на регионален систем за управување со отпад за 6 региони и тоа Источен и Североисточен, Скопски, Вардарски, Пелагонија и Југозападен регион.

За Источниот и Североисточниот регион веќе се обезбедени средствата во висина од приближно 43 мил. евра и интензивно се работеше со сите 18 општини кои треба да го формираат заедничкото јавно меѓурегионално претпријатие за управување со отпад, кое ќе стопанисува со идната регионална депонија. Во рамки на овој процес, планирано е и затварање на нестандардните депонии/диви депонии и  набавка на опрема за собирање и транспорт на отпадот за овие два региони. Следната година овие два региона ќе ги затворат сите диви депонии и ќе добијат современа опрема за собирање и транспорт на комуналниот отпад за кои тендерските постапки се во тек. Исто така, наредната година ќе се објави и повик за изведувач на градежните работи за изградба на регионалната депонија и претоварните станици за овие два региона, а сето тоа ќе биде финансирано со грант од Европската Унија. Дополнително, ќе биде обезбедена и техничка поддршка на општините од двата региона за ревизија на регионалните планови за управување со отпад, ќе се организираат кампањи за подигање на јавната свест на населението, градење на капацитетите на меѓурегионалното претпријатие за управување со отпад и јакнење на капацитетите за инспекциски надзор.

По однос на Полошкиот регион, потпишан е билатерален договор помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Швајцарија во висина од приближно 9 мил. швајцарски франци, врз основа на кој почна со изведба шест годишен проект кој има за цел изработка на потребната планска документација за воспоставување на регионален систем за управување со отпад, рехабилитација на регионалната нестандардна депонија Русино, како и зајакнување на техничките капацитеи на општините од овој регион.

Паралелно се одржуваат редовни состаноци со градоначалниците од Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Југоисточниот регион по однос на донесените плански документи.

Се согласуваме со констатацијата дека правото на граѓаните за здрава животна средина и заштита на здрајвето преставува една од основните загарантирани уставни права. Во таа насока, по однос управувањето со отпад, Владата на Република Северна Македонија и Министерството за животна средина и просторно планирање со здружени сили им помагаат на општините да ја надминат состојбата со несоодветното управување со отпадот. Потребно е време и голема посветеност на сите чинители  за да се реализираат зацртаните планови и проекти, и Ве уверуваме дека сите со заеднички напори ќе продолжиме да работиме на подобрување на состојбата со животна средина.

 


Видете следно

Владина делегација положи цвеќе на споменикот на Св. Климент Охридски пред Народната и универзитетска библиотека во Скопје, по повод празникот – 8 декември

Делегација на Владата на Република Северна Македонија денес положи свежо цвеќе на споменикот на Св. …