Истражување на Евротинк: Поразително низок број покренати постапки против сторители на бесправна сеча


Евротинк – Центар за европски стратегии денеска го објави истражувањето „Пустошење на нашата иднина: форми/модели на организиран криминал во бесправната сеча во Република Северна Македонија”.

– Од 2001 година па наваму, државата е на удар на „шумската мафија” чија криминална активност е проценета на приближно 60 милиони евра на годишно ниво. Но, и покрај ваквата состојба, и законската рамка која бесправното сечење на дрвата го класифициракако кривично дело, бројот на покренати постапки против познати и непознати сторители е поразително низок. Дополнително, загрижувачки е трендот на преполовување на бројот на постапки од година во година, кој е утврден преку добиени податоци доставени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јавното претпријатие Национални Шуми, МВР; како и надлежните основни јавни обвинителства во државата, посочуваат во соопштение од Евротинк.

Истражувањето, како што наведуваат, детектира два клучни фактори кои се двигатели на бесправната сеча: сиромаштија и лошото стопанисување.

– Најзагрозените граѓани се во дополнителен ризик од судир со законот и запленување на дрвата купени од дрвокрадците, за релативно пониска цена. Од друга страна, пак, предизвикот со стопанисувањето со шумите е резултат на повеќе фактори како недостиг на човечки ресурси и соодветна опрема на шумочуварите, преклопување на институционалните ингеренции и несоодветен надзор, се наведува во соопштението.

Извештајот, додаваат од Евротинк, се потпира на истражување на постоечка литература, анализа на законската рамка, обработка на податоци добиени преку слободен пристап до информации од јавен карактер од надлежните институции и 29 полуструктурирани интервјуа со повеќе категории на испитаници. Истражувањето е подготвено со поддршка на Фондот за отпорност на Глобоалната иницијатива за борба против транснационален организиран криминал. мс/лв/

Скопје, 14 јануари 2021 (МИА)


Видете следно

Собранието разгледа повеќе закони, гласањето ќе биде дополнително закажано

Пратениците попладнево ја продолжија 29. седница, на која на дневен ред се повеќе закони од …