Истражување за состојбата на стартап екосистемот во Македонија


Денес во Скопје се одржа прес конференција на која беа презентирани резултатите од истражување за состојбата на стартап екосистемот во Македонија, спроведено од Стартап Македонија, со поддршка од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. За целите на истражувањето, од јануари до април 2018 година беа интервјуирани 65 стартап компании и 20 организации за поддршка на стартапи (инкубатори, акцелератори, тренинг центри,  итн.), како главните чинители во стартап екосистемот. Главните проблеми кои беа идентификувани со истражувањето се ниската ефективност на услугите кои компаниите го добиваат од организациите за поддршка на стартапи, јазот во потребите на компаниите и услугите кои организациите ги нудат, недостатокот на заедничка развојна рамка и недоволната соработка меѓу чинителите во екосистемот.

„Како што мапирањето на екосистемот покажа, и покрај големиот потенцијал на стартапите во Македонија, овдешното опкружување не е најадекватно за нивниот раст. Фрагментираниот екосистем прави услови во кои што компаниите имаат тешкотии кон пристапот до финансии, додека пак инвестициските фондови тешко успеваат да ги идентификуваат стартапите кои стигнале до доволна фаза на развој. После ова мапирање, евидентна е потребата од адекватни услуги во поглед на менаџирање, продажба и пристап до финансии. Но и покрај сите недостатоци, постоењето на можности за подобрување на екосистемот е доволна мотивација за понатамошна работа на сите засегнати актери, вклучувајќи го и Проектот,”  изјави Мирјана Македонска, директорот на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.

За илустрација на јазот меѓу побарувачката и понудата на услуги, истражувањето покажа дека додека 75% од стартап компаниите имаат недостаток од знаења во областа на продажба, само 35% од организациите нудат ваков вид наподдршка. Понатаму, 80% од организациите нудат менторски услуги, што пак го бараат само 11% од стартап компаниите. Во однос на спремноста за инвестиции, организациите за поддршка ги оценуваат стартап компаниите 2,25 од 5, што означува ниска спремност која е дополнително поддржано од податокот дека 66% од организациите го идентификуваат финасирањето како главен предизвик за раст на нивниот бизнис. 50% од стартап компаниите сметаат дека нема доволно соработка во рамките на екосистемот, додека пак 80% од организациите на поддршка нудат услуги за ,,вмрежување и соработка”.

Целосното истражување е достапно на startupmacedonia.mk/ecosystem-research-2018.

Истражувањето е исто така сумирано во анимиран инфографик достапен на youtu.be/kWw57Q292jA


Видете следно

РЕАКЦИЈА НА ЗМСТАС: ПОДОБРО ЈАВНО ЗДРАВСТВО БЕЗ МЕДИЦИНСКИТЕ СЕСТРИ?!

„Вложуваме во подобро јавно здравство. Целта е да обезбедиме подобри здравствени услуги.” – Унијата на …