„Исцелител“ во натпреварувачка конкуренција на „Let’s CEE “ во Виена


Фестивалската промоција на македонскиот филм „Исцелител“ продолжува на 6-тиот меѓународен филмски фестивал во Виена, „Let’s CEE“.

Во официјалната програма „Ветувачки дебитантски филмови“ во која ќе се натпреварува заедно со 13 други филмови „Исцелител“ ќе има три прикажувања, на 16-ти, 17-ти и 21-ви април.

Во програмата заедно со „Исцелител“ се добитникот на награда на фестивалот во Карлови Вари, грузискиот „Деде“ на Мариам Катчвани, добитникот на награда на Софискиот филмски фестивал, бугарскиот „Радиограм“ на Рузие Хаснова, добитникот на награда на филмскиот фестивал во Сараево, романскиот „Меда или не така добра страна на работите“ на Емануел Парву и други.

„Let’s CEE“ започнува денес, 13-ти април и во наредните десет дена ќе се прикажат повеќе од 155 долгометражни, документарни и кратки филмови. Најголемиот број од филмовите премиерно се прикажуваат во Австрија. Во фокусот на фестивалот во Виена се филмови од високо квалитетни продукции од Централна и Источна Европа, Турција и Кавкаскиот регион. Во склоп на фестивалот ќе се одржат и академија за таленти, денови на филмска индустрија и работилници. Фестивалот претставува ексклузивна и атрактивна сцена за прикажување на најновите филмови.

Оваа година на „Let’s CEE“ во Виена ќе се прикажат вкупно шест македонски филма и два филма во кои Македонија учествува како копродукција. Во програмата на документарни филмови ќе се прикаже „Avec L’Amour“ на Илија Цветковски. А во програмите на кратки филмови ќе се прикажат „Еклер“ на Марко Ѓоковиќ, „Доаѓаат од центарот на светот“ на Дина Дума, „Види ја ти неа“ на Горан Столевски и „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска.

Повеќе информации за учеството на „Исцелител“ на „Let’s CEE“ има на следниот линк:

http://www.letsceefilmfestival.com/film-detail2018-en/items/secret-ingredient.html

 

 


Видете следно

Твитер изборна комисија – ТИК објави почеток на гласањето за изборот на најдобри корисници на социјалните медиуми

Традиционално седма година по ред ќе се одржува настанот Твитер Награди во соработка со Младинскиот …