Breaking News

Иван Шопов победи на Меѓународниот конкурс за хумористичен расказ „Алеко“ за 2022 година


Македонскиот писател Иван Шопов е победник на Меѓународниот конкурс за хумористичен расказ „Алеко“ за 2022 година, на кој пристигнале 104 раскази на 42 автори од 21 земја.

– Жири-комисијата во состав Јордан Ефтимов, Михаил Вешим и Румен и Белчев за најдобар го избра расказот на Шопов „Географски откритија“. Наградата беше врачена на 13 јануари, роденденот на бугарскиот писател Алеко Константинов, на свечена церемонија во Свиштов, во рамки на одбележувањето на 160-годишнината од раѓањето на Константинов, соопшти издавачката куќа „Или-или“.


„Алеко“ е меѓународен конкурс кој се одржува во Бугарија од 1966 година до денес, со краток прекин на почетокот на 1990-тите години. Организатори на конкурсот се Општина Свиштов, Меѓународната фондација „Алеко Константинов“ и хумористичниот весник „Стршел“.


Иван Шопов (1987, Скопје) дипломирал Општа и компаративна книжевност на факултетот „Блаже Конески“ во Скопје. Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за која ја добил наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012), збирката раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2018), збирката сатирични текстови „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018) и мини-книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од Застава 750“ (2019).

Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и на бугарски јазик. хс/аа/


Скопје, 16 јануари 2023 (МИА)