Breaking News

Ивановска: Слаба реализација на Националната стратегија против корупцијата, институциите не се доволно посветени


Само 10 проценти од планираните активности од Акцискиот план  од  Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси (2021 до 2025 година) се завршени во 2022 година, а причина за оваа ниска реализација сметаме дека е слаба посветеност на институциите,  оцени денеска претседателката на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска.


Таа на денешната конференција на која беа истакнати оценките од досегашните резултати од Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси од 2021 до 2025 година, истакна дека честите менувања на раководната структура се дополнителен проблем.


-Имате институции со променети по три – четири министри во периодот додека се спроведува националната стратегија и сето тоа во услови кога постои недоволна професионална администрација благодарение на политичките влијанија при вработувањата резултатите се такви какви што се, истакна Ивановска.

Порача дека е потребно будење кај институциите со цел да дадат свој придонес за поефективна борба.


-Отсуството на интегритет, силното политичко влијание, особено при вработувањата преку познатите канали непотизам, кронизам, понатаму неказнивоста, отсуството на транспарентност, на дигитализација и тн., сето тоа придонесува да се создаде една ваква клима каква што постои и навистина сметам дека не е крајно, туку е најкрајно време конечно да се разбудат и да дадат свој придонес затоа што никој друг од страна не може да ни ја уреди државата ако ние сами не се трудиме да го направиме тоа, порача Ивановска на презентацијата на која присуствуваа и вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во државава, Дејвид Гир, и в.д. преставничка на УСАИД во државава, Дон Кармин.

Грковска од своја страна, пак,  оцени дека најголем проблем е неказнивоста, а ја посочи индивидуалната одговорност како важен фактор.


-Јас сум сигурна деа ќе се согласите дека најголем проблем е неказнивоста. Фактот дека луѓето не можат да видат дека има казнивост за некое  незаконско, коруптивно однесување, го разорува системот од внатре. Затоа сметам дека има толкава недоверба во системот во државата во институциите и затоа и понекогаш тоа претставува причина не само за голема разочараност, туку и за цинизам од страна на граѓаните. И Државната комисија за спречување корупција и јас како вицепремиерка сме понекогаш подложни на малициозни коментари, не затоа што  не го правиме она што е во доменот на нашаат работа, туку и затоа што се очекува да направиме многу повеќе од тоа што е во наша надлежност. Ние не сме ни истражители, ниту обвинители, ниту пак судии, ниту пак полиција за да можеме да преземеме нешто повеќе. Меѓутоа, тоа што е важно дека секој од нас во својот домен треба да го даде максимумот и тоа на најпрофесионален и најодговорен начин, порача Грковска.

Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во државава, Дејвид Гир пак, се осврна на информацијата дека Собранието се уште не расправало и за претходниот извештај на ДКСК за 2021 година, што според него не е воопшто охрабрувачки.


-Потребно е зајакнување на рамката за борба против корупција и тука е клучно власта заедно со опозицијата да се здружат во донесување на вакви мерки. Исто така, треба да се воведат санкции и мерки што праќаат континуирано однесување. Кога патуваме низ државата нешто на кое што најмногу се жалат луѓето е недостаток на можности коишто произлегуваат од заслугиПотребно е да се стеснат или затворат оние дупки, простор за дискрециско постапување и особено кај издавање на дозволи, лиценци, одобренија и постапки за набавки. Државниот завод за ревизија и ДКСК се особено важни во тој дел, потенцира евроамасадорот Гир.

Дополнително оцени  и дека темпото на спроведување на реформата во делот на човечките ресурси во судовите, обвинителствата е премногу бавно и ја истакна потребата од независни судии и јавни обвинители кои, потенцираше, ќе дејствуваат со интегритет без политички притисоци.

-Јавноста е разбирливо цинична кога гледа одолговлекување во важни судски предмети кои доведуваат до застарување на предметите, нагласи Гир.

Како што информираа од ДКСК на презентацијата бил поканет и претстедателот на Собранието Талат Џафери, меѓутоа добиле договор дека ниту претстедателот ниту лице во негово име нема да присуствуваат.

Дел од групата најризични фактори што ја поттикнуваат корупцијата во државата, според изнесеното напрезентацијата, се силното политичко влијание, неказнивоста, недоволната транспарентност, недоволната дигитализација, злоупотребата на дискрециските овластувања.За надминување на овие ризични фактори во институциите се истакнати 54 проблеми, предложени се 111 мерки и 191 активност. Од сите мерки и активости 40 проценти се однесуваат на секторите образование, здравство и органи за спроведување на законот.Најнизок степен на реализација на активностите од акцискиот план на Стратегијата се забележаува кај министерствата за информатичко општетсво и администрација и за земјоделство и шумарство, како и кај Фондот за здравствено осигурување.свс/лв/

Фото: МИА