Избор на уставен судија и Предлог законот за амнестија на осудените од 27 април пред пратениците


Предлогот за избор на судијата Елизабета Дуковска од Апелацискиот суд Скопје за судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија е на дневен ред на денешната 106. собраниска седница.


Дуковска е предлог на Судскиот совет на Република Северна Македонија за нова уставна судијка. Таа е судијка од 2004 година, работела во двата основни суда во Скопје како стечаен судија, а од 2009 суди во скопска Апелација како граѓански судија во трговски оддел.


На дневен ред на денешната седница се и Предлог законот за амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година, како и Предлог законот за амнестија, двата по скратена постапка.

Пред пратениците се и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување, како и Предлог законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, и двата по скратена постапка.


Меѓу другите точки се и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Предлог законот за ратификација на измените и дополнувањата на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и Украина, Предлог-одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина (јули 2023-јануари 2024), како и Предлог-одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „EUTM RCA“ во Централноафриканската Република, како и Предлог на закон за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, по скратена постапка. дма/ев/

Фото: МИА архив


Скопје, 16 март 2023 (МИА)