Излезе од печат преводот на делото Крал К’зи од авторот Глиша Елезовиќ


По повод 80 годишнината од првото објавување на српски јазик на книгата “Крал К’зи”, во издание на здружението “Диванхана” излезе од печат преводот на македонски и босански јазик на делото во уредништво на м-р Изета Бабачиќ и м-р Неџад Мехмедовиќ.

Цели 80 години делото Крал К’зи на српскиот историчар и ориенталист Глигорие-Глиша Елезовиќ беше недостапно за читателската публика во нашата земја. Во далечната 1939 година во печатницата на Драг. Поповиќ во Белград, во списанието „Братство“, авторот го објавил ова дело не сомневајќи се дека еден ден тоа ќе биде едно од главните извори на информации поврзани со последната босанска принцеза, погребана во затскриеното турбе на падините на Гази Баба во Скопје.

Тој утврдил дека турбето ѝ припаѓа на принцезата Емина (род. Катарина) Томашевиќ-Котроманиќ или Тарихи-ханум, ќерка на кралот Стјепан Томаш (1412 – 1461) и на кралицата Катарина Котроманиќ (1425 – 1478), историски потврдени за едни од последните членови на босанската кралска лоза на Котроманиќи.

Денес, овој мавзолеј е реставриран и е реобновен во 2014 година (51 годинa по земјотресот во Скопје од 1963 г.), по иницијатива на Бошњачката културна заедница, а од страна на Министерството за култура, на Зaводот за заштита на споменици Скопје, во соработка со Федералното министерство за култура и спорт на Босна и Херцеговина.

Книгата ни дава особено значајни податоци поврзани со последните наследници на Босанскoто кралство пред освојувањето од страна на Османлиите. Во книгата, на неколку страници, авторот Глиша Елезовиќ ја опишува кралската династија во детали, нејзината поврзаност со околните кнежевства, како и чинот на нејзиното пропаѓање.

Oва дело е подеднакво значајно, како за скопјани, така и за припадниците на бошњачката заедница, кои со векови живеат на ова тло, затоа што се докажува дека во централното подрачје на метрополата живеела и е погребана принцеза и наследник на една значајна кралска лоза. На основа на податоците во книгата, турбето на Гази Баба заслужува да биде ставено во туристичката мапа на градот.


Видете следно

Топ 5 апликации со кои времето брзо ќе ви минува!

Моменталната изолација на секој од нас делува различно. Некои ги исчистија своите домови, некои почнаа …