Изложба на фотографии и документарец за првиот македонски игран филм – „Фросина“ по повод 70 години од премиерата


Во рамките на активностите за одбележување на 70-годишниот јубилеј од премиерата на првиот македонски игран филм – „Фросина“, денеска во Кочани, во организација на Кинотеката и ЈОУ Библиотека „Искра“, со почеток во 20:00 часот ќе се одржи изложба на фотографии од филмот проследена со пригодно предавање и дискусија за значењето на овој филм во историјата на македонската кинематографија.

На иницијатива на Кинотеката, Македонската Радио Телевизија деновиве сними документарен филм за филмот „Фросина“, кој премиерно ќе биде прикажан на МРТ вечер во 20:45 часот. Автори на документарецот „70 години Фросина“ се Соња Самарџиева и Томи Алексов, а монтажата е на Влатко Ангелов. Филмот е во продукција на Македонската Радио Телевизија, наведуваат од Кинотеката.


Од Кинотеката посочуваат дека филмот „Фросина“ минатата година беше дигитално реставриран во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб и деновиве објавен на блуреј диск. Дигитализацијата на македонските играни филмови, се наведува, е една од основните активности на Кинотеката, која е единствена институција во земјава – чија работа е да се грижи за заштитата и чувањето на националното аудиовизуелно наследство.

Кинотеката деновиве го објави и дигитализираното издание (ПДФ формат) на зборникот текстови од симпозиумот на тема „ФРОСИНА – првиот македонски игран филм“, одржан во мај 1989 година, на кој учествуваше голем дел од филмската и актерската екипа, како и голем број филмски критичари и историчари, писатели, уметници и културни дејци. Сите излагања и дискусии водени на овој симпозиум, задно со сценариото, во 1991 година беа објавени како посебно печатено издание на Кинотеката, денес достапно за истражувачи и проучувачи на македонската кинематографија на сајтот на Кинотеката.


Во зборникот се објавени анализите на Борис Ноневски, Кети Каранфилова, Елизабета Шелева, Ермис Лафазановски, Георги Василевски, Фидан Јаќовски, Владо Цветановски, Мирослав Чепинчиќ, Димитар Грбевски, Бојан Иванов, Вангел Божиновски, Лилјана Богојевиќ-Јовановска, Димитрија Бужаровски, во дискусиите учествувале десетина учесници, филмолози и филмски работници, печатени се и интервјуата и сеќавањата на Воислав Нановиќ, Владо Малески и Киро Билбиловски, а во книгата се поместени и одгласите за филмот во медиумите од 1952 година.

Премиерата на „Фросина“ во режија на Војислав Нановиќ, а во продукција на тогашниот државен филмски продуцент „Вардар филм“, била одржана на 28 јуни 1952 година во скопското кино „Култура“. Снимен е во црно-бела техника на 35 мм лента, со времетраење од 79 минути. Сценариото за филмот го напишал писателот Владо Малески. Жанрот на филмот е социјална драма за егзистенцијата, печалбарскиот живот, Втората светска војна и трагедијата на една мајка, која го губи синот единец. Насловната улога ја толкува Мери Бошкова (Фросина), а во другите улоги играат Ацо Јовановски (Климе), Петар Велјановски, Наѓа Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски… Продуцент на филмот е „Вардар филм“, директор на фотографија е Киро Билбиловски, композитор на музиката е Трајко Прокопиев, сценографијата е на Милан Васиќ, а асистент на режија бил Трајче Попов. вг/ев/


Скопје, 28 јуни 2022 (МИА)


Видете следно

Доделување на наградите за младинско учество од страна на Агенција за млади и спорт

По повод на меѓународниот ден на младите, 12 Август, Агенцијата за млади и спорт во …