Јанчева: Со ребалансот на Буџетот обезбедени се два милиони евра за реконструкција на Универзална сала во Скопје


Со усвојувањето на ребалансот на Буџетот за 2020 година од страна на парламентарното мнозинство, се отвори можноста за финансирање на 19 капитални инвестиции во повеќе општини. Три од нив се однесуваат на капитални инвестиции на Град Скопје.

За реконструкцијата на Универзална сала се предвидени 120 милиони денари буџетски средства. Универзалната сала беше омилената културна институција во нашиот град. Универзална за многу деца е местото на првиот концерт или културен настан. Потребата за реконструкција беше повеќе од неопходна.

Конечно се создадени условите за отпочнување на целосна реконструкција на објектот на Универзалната сала, во постојниот облик и габарит, задржувајќи го својот автентичен изглед како симбол на обновата на постземјотресно Скопје.

Овој чекор произлезе како резултат на широката поддршка од јавноста за идејата Универзална сала да ја сочуваме во постојната форма, на постојната локација. Но, истовремено тоа не значи дека Град Скопје се откажува од идејата за нова концертна сала со придружни конгресни капацитети, на друга соодветна локација, согласно потребните стандарди за организација на големи културни на настани.

За реконструкцијата на Универзална сала постоеја неколку несоодветни проекти изработени по налог на претходните градоначалници коишто од една страна беа прескапи за изведба, а од друга страна не ги задоволуваа потребните просторни капацитети. Претходниците побрзаа дури и да го сменат името на Универзална во Конгресен центар Александар Македонски.

Реконструкцијата на Универзална сала по проект којшто ќе ја задржи постојната големина и облик е оптимално и единствено разумно решение за повторно ставање во функција на овој објект.

Со оваа реконструкција ја исполнуваме и спроведуваме на дело волјата на граѓаните во однос на Универзалната сала, но истовремено мора да нагласиме дека оваа реконструкција не ги задоволува среднорочните и долгорочните потреби за културата во градот.

Изградбата на нова концертна сала со придружни конгресни капацитети, со обезбеден паркинг и соодветно сообраќајно решение за пристап до салата, и ред други просторни и технички стандарди за ваков тип на објекти е нешто што мора да му се случи на Скопје час поскоро.

Град Скопје како институција игра сериозна улога во развојот на културата во нашиот град. СДСМ и коалицијата направија значајни поместувања во позитивна насока за културата.

Работиме со граѓаните и за граѓаните. Со чесниот и одговорен пристап во работењето ја оправдуваме довербата на граѓаните и заедно градиме модерен град кој ќе биде наша заедничка гордост.

Љубица Јанчева, претседателка на Советот на Град Скопје

Центар за комуникации со јавноста, СДСМ


Видете следно

„Гранд кафе“ е најпрепознатливиот бренд од категоријата кафе во Македонија

Македонските потрошувачи го препознаа „Гранд кафе“ како најпознат и омилен бренд од категоријата „КАФЕ“, тврдат …